Меланија се заблагодари за поддршката: „Мојата цел беше да му се помогне на татко ми да добие соодветно лекување и да не живееме во страв

Физиотерапевтката Меланија Цветковска од Куманово, која вчера јавно побара помош поради, како што наведе, долгогодишно семејно насилство, повторно се огласи на социјалните мрежи, заблагодарувајќи им се на граѓаните и институциите за поддршката и реакцијата.

Таа соопшти дека случајот е во фаза на разрешување и бара јавноста да не врши дополнителен притисок врз институциите.

„Фала на сите за поддршката. Фала на сите институции што нѐ слушнаа и ни помогнаа. Да имавме друг избор во дадениот момент, ништо од ова немаше да се случи“, напиша Меланија.

Таа нагласи дека нејзината намера никогаш не била да го оцрни својот татко или да обвини конкретна институција, туку да обезбеди помош за семејството и соодветен третман за него.

„Мојата цел не беше да се оцрни мојот татко, ниту која било конкретна институција, туку само да бидеме слушнати, да му се помогне да добие соодветно лекување и да престанеме да живееме во страв“, порача таа.

Меланија вчера преку видео-обраќање јавно побара помош од институциите, тврдејќи дека со години таа, нејзината мајка, баба и брат со церебрална парализа живеат во страв поради однесувањето на нејзиниот татко, за кого наведе дека има психијатриски проблеми и зависност од алкохол. Нејзиниот апел предизвика големо внимание во јавноста и реакции од институциите и бројни јавни личности.

Back to top button
Close