Советничка на Мицкоски е номинирана за нов член на Регулаторна комисија за енергетика

Ана Виткова е едногласно номинирана за член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со отпад. Оваа одлука беше донесена денеска на 59. седница на Комисијата за избори и именувања.

На објавениот јавен оглас се пријавиле двајца кандидати. На седницата, кандидатурата на Виткова беше предложена од страна на пратеникот Александар Велјановски.

“Ана Виткова е доктор на правни науки со положен правосуден испит. Меѓу другото, има богато професионално искуство. Исто така, учествувала во многу проекти од областа на енергетиката, како и во комисии за подготовка, организирање и реализација на значајни енергетски проекти од страна на Владата. Сметам дека се работи за кандидат којшто несомнено ќе даде придонес во работењето на Комисијата,” појасни Велјановски.

Вториот пријавен кандидат бил Круме Џиковски, дипломиран правник и магистер по европско право и право на Европската Унија.

Според образложението доставено до Собранието, Виткова има долгогодишно работно и проектно искуство во Владата, каде што била вклучена во повеќе значајни процеси поврзани со енергетиката, концесиите и јавно-приватните партнерства. Таа учествувала како член на комисии формирани од Владата за подготовка, организирање и спроведување постапки за доделување концесии за користење вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река и учество во јавно приватно партнерство со АД ЕЛЕМ.

Нејзиното професионално искуство вклучува и ангажмани како надворешен правен консултант за компании од областа на енергетиката, каде што била ангажирана за обезбедување стручни правни мислења и консултации во врска со примената на енергетската регулатива, инвестициите, концесиите и подготовката на договорна документација за енергетски проекти.

 

Во моментов таа е советник на претседателот на Владата, односно на премиерот Христијан Мицкоски за правни прашања, позиција на која е од август 2024 година.

Претходно, Виткова била државен советник за странски инвестиции во Генералниот секретаријат на Владата, каде што работела на политики поврзани со странски инвестиции, државна помош и олеснување на инвестициските процеси. Во периодот од 2014 до 2018 година била државен советник за правни прашања во Канцеларијата на претседателот на Владата, а претходно извршувала и други правни позиции во владините институции.

Во овој период има седум членови во комисијата, при што Ацо Ристов, е претседател на РКЕ, именува во април годинава. Мандатот на членовите на РКЕ трае пет години, по што имаат право на реизбор.

Back to top button
Close