Трифун Костовски до Џевдет Хајредини: Доколку изјавата е Ваша, очекувам јавно да ја повлечете и да ми се извините

Реакција на изјавата на Џевдет Хајредини:

Почитуван господине Хајредини,

Во порталот „Скопје1“ е објавена Ваша изјава во која, осврнувајќи се на моите зборови „Ми крадете од животот што не сте ми го дале“, велите: „Како што ти им крадеше од животот на штедачите на твојата банка.“

Искрено сакам да верувам дека оваа изјава не е Ваша или дека е пренесена надвор од контекст. Ве познавам долги години и досега никогаш не сум се сомневал во Вашата способност рационално и објективно да ја согледувате македонската реалност.

Токму поради тоа, доколку изјавата е автентична, изразувам длабоко жалење и разочарување. Од Вас најмалку очекував да изнесувате тешки и навредливи квалификации за случај чии факти, документи и околности очигледно не Ви се целосно познати.

Јас никому не сум му „украл од животот“, ниту сум имал намера или интерес да им наштетам на штедачите и клиентите на Еуростандард банка. Напротив, со години барам целосно, независно и транспарентно расчистување на сите околности што доведоа до одземањето на дозволата и отворањето на стечајната постапка. Сум посочувал институции, поединци, одлуки и пропусти за кои сметам дека мора да бидат предмет на сериозна истрага и јавна одговорност.

Вашата изјава, без презентирани докази и без познавање на целокупната документација, претставува директна пресуда пред да завршат постапките пред надлежните институции. Со тоа не ѝ помагате на вистината, туку придонесувате кон создавање погрешна слика во јавноста и кон прикривање на вистинската одговорност.

Познато ми е дека меѓу луѓето со кои сте блиски има и лица чии улоги и постапки во случајот со Еуростандард банка треба темелно да се испитаат. Не сакам однапред да заклучам дека Вашата изјава е последица на нивното влијание, но не можам ниту да го игнорирам фактот дека со ваква квалификација, свесно или несвесно, застанувате на страната на оние што сакаат случајот да биде затворен без целосно утврдување на вистината.

Затоа, господине Хајредини, доколку изјавата е Ваша, очекувам јавно да ја повлечете и да ми се извините. Не барам од Вас да ја прифатите мојата позиција, туку да се воздржите од лични обвинувања за кои немате докази.

Подготвен сум во секое време, јавно и врз основа на факти и документи, да разговарам со Вас за Еуростандард банка. Вистината не се утврдува со навреди, медиумски пресуди и паушални квалификации, туку со докази, институционална одговорност и целосно расчистување на случајот.

Со почит,

Трифун Костовски

Back to top button
Close