Николова од СДСМ: Во оваа Влада ако не успеете на една, ве преместуваат на друга функција


Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, на собраниската седница за разрешување и именување членови на Владата оцени дека најавената реконструкција претставува обид за задоволување на партиски и коалициски интереси, а не вистинска промена во работењето на извршната власт.

Според Николова, наместо да се преземе одговорност за, како што рече, слабите резултати, Владата ги преместува истите функционери на нови позиции.

„Денес станува јасно дека во оваа Влада, ако не успеете на една функција, нема да си заминете дома. Ќе бидете преместени на нова функција. Ако станува збор за истите луѓе, тогаш треба да ги очекуваме истите политики и истите проблеми“, рече Николова.

Таа оцени дека критериум за избор на функционерите не се резултатите, туку лојалноста кон премиерот, партијата и коалицијата, посочувајќи го случајот со досегашниот вицепремиер Арбен Фетаи, за кого рече дека и покрај критиките добил нов ангажман.

Николова упати критики и кон министерката за финансии, оценувајќи дека финансиската стабилност се гради преку нови задолжувања, додека буџетскиот дефицит расте, а граѓаните сè повеќе ја чувствуваат сиромаштијата.

Во делот за образованието, таа ја обвини министерката дека спроведува реформи без доволни анализи и консултации, што, според неа, предизвикува неизвесност кај наставниците, учениците и родителите.

Пратеничката се осврна и на работата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, како и на поранешниот министер за правда, Кренар Лога Филков, оценувајќи дека во нивните ресори не биле спроведени суштински реформи.

Таа го коментираше и изборот на новиот министер за социјална политика, демографија и млади, посочувајќи на неговиот претходен ангажман во Град Скопје и случаите што, според неа, ја одбележале неговата работа.

Во завршницата од своето обраќање, Николова рече дека граѓаните не ги интересираат новите кадровски решенија, туку конкретните резултати.

„Оваа реконструкција е уште една потврда дека имаме Влада и премиер кои упорно се борат да го задржат приматот на најлоша власт досега“, изјави Николова.

Back to top button
Close