Огромниот пожар во близина на Париз е подметнат?

Две лица се уапсени во врска со големиот шумски пожар што зафати околу 1.000 хектари од шумата Фонтенбло, југоисточно од Париз. Поради пожарот, Франција испрати два канадери од југот на земјата во пошироката област на Париз за првпат во историјата да помогнат во гаснењето, објави вчера францускиот министер за внатрешни работи, пишува Франс 24.

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека се сомнева дека пожарот е подметнат пожар. „Пожарот започна од десетина места во радиус од 1.000 метри, што сугерира дека можеби е намерно испровоциран“, изјави тој за новинарите за време на посетата на Ноиси-сур-Екол, во близина на местото на пожарот.

„Се надеваме дека денеска ќе успееме да го ограничиме пожарот“, додаде тој, но и предупреди дека „ќе бидат потребни неколку дена, па дури и неколку недели пожарот целосно да се изгасне“.

Нуњез потврди за телевизијата France2 дека апсењата биле дел од пошироката акција во која вкупно 59 лица се уапсени низ целата земја поради „намерно или случајно подметнување пожар“ додека земјата се бори со пожарите и последиците од последниот топлотен бран.

Пожарот избувна во неделата доцна попладне во историска и посетена шума на околу 60 километри од главниот град и брзо се прошири. Втор ден по ред противпожарните авиони се борат со пожарот. „Два канадери се подготвуваат да земат вода од Сена“, објавија во понеделник властите на регионот Сена и Марн.

Поради пожарот евакуирани се некои населени места, а сообраќајот е во прекин. Во понеделникот беа затворени и делови од автопатот А6, кој води од Париз кон југоисток. Националната железничка служба извести дека каблите оштетени од пожарот се поправени, што овозможува нормализирање на сообраќајот на брзите возови меѓу Париз и Лион.

Пожар од вакви размери е редок на северот на Франција. „Вакво нешто не сум видел три децении“, изјави Дидие Бугине, заменик-градоначалник на селото Ле Воду, на чиј раб бесне пожарот. „Ќе плачеме за нашата шума“, додаде тој.

Софи Гиот на новинарите на АФП им покажа фотографија од канадер како лета над нејзината куќа. „Моите родители живеат на југот на земјата и беа загрижени за пожарот, а на крајот се случи овде“, рече таа.

Франција минува низ третиот топлотен бран за помалку од три месеци, а пожарите беснеат во неколку делови на земјата во текот на минатата недела. Научниците се повеќе ги поврзуваат екстремните временски услови со климатските промени предизвикани од човековата активност.

Според официјалните податоци, земјата забележа повеќе од 2.000 смртни случаи за време на топлотниот бран во јуни и 300 за време на високите температури на крајот на мај. Од почетокот на годината во Франција изгореле околу 25.000 хектари, што е двојно повеќе од истиот период минатата година, изјави директорот на Цивилната заштита Жулиен Марион.

Според прогнозите на националната метеоролошка служба Метео-Франција високите температури требаше да траат до денешниот француски национален празник

Back to top button
Close