Маѓар: Унгарија никогаш повеќе не смее да припаѓа само на една партија
Унгарскиот премиер Петер Маѓар денеска во парламентот изјави дека Унгарија никогаш повеќе не смее да припаѓа само на една политичка партија, без разлика дали станува збор за владејачката Тиса или опозициската Фидес.

Обраќајќи им се на пратениците пред почетокот на дневниот ред, Маѓар оцени дека поранешниот премиер Виктор Орбан направил „историски грев“ со тоа што, како што изјави, „ја поделил земјата на национални и антинационални табори“, објави МТИ.
Тој ги повика претставниците на Фидес и Христијанско-демократската народна партија (КДНП) да учествуваат во работата на парламентот, да презентираат аргументи и предлози, да гласаат и да ги прифатат последиците од своите одлуки.
Маѓар истакна дека улогата на опозицијата е уставна обврска кон гласачите кои ѝ ја дале својата доверба и ги повика пратениците од опозицијата да ги почитуваат своите гласачи.
Според него, на Унгарија ѝ е потребна функционална влада, одговорна опозиција и активна работа на сите избрани претставници.
Премиерот додаде дека неговата влада ќе работи и за граѓаните кои ја поддржуваат и за оние кои не ја поддржуваат.
„Ние ги претставуваме жителите на Будимпешта и селото, млади и стари, богати и сиромашни, гласачи на Тиса, Нашата татковина и Фидес, бидејќи Унгарија никогаш не може да припаѓа на една партија, ниту на Тиса, ниту на Фидес. Унгарија е заедничка татковина на сите Унгарци“, заклучи Маѓар.






