„Судството под контрола на Мицкоски го спасува Груевски и го одмрзнува имотот на ВМРО“, велат од СДСМ

Од СДСМ преку соопштение реагираат дека со денешната одлука за предметот „Талир 2“, судството и обвинителството, како што наведуваат, му овозможиле на поранешниот премиер Никола Груевски да избегне одговорност, а на ВМРО-ДПМНЕ повторно да располага со својот партиски имот.

Според партијата, по осум години повторно се одмрзнуваат „Белата палата“, чија вредност ја проценуваат на 14 милиони евра, како и останатиот партиски имот вреден околу два милиони евра.

„Така изгледа кога криминална организација е на власт. Таа се грижи само за себе и за спас на своите луѓе од одговорност. Правда нема“, наведуваат од СДСМ.

Во реакцијата се тврди дека Груевски, кој е правосилно осуден во друг предмет и се наоѓа во Унгарија, не се соочува со правдата бидејќи, според СДСМ, Владата предводена од Христијан Мицкоски не презела неопходни чекори за негова екстрадиција.

Од партијата оценуваат дека станува збор за свесна заштита на поранешниот премиер и велат дека Мицкоски му овозможува на својот, како што го нарекуваат, политички ментор да избегне одговорност и во случајот „Талир 2“.

На крајот, СДСМ порачува дека очекува повторно воспоставување на правдата и одговорност за сите инволвирани, наведувајќи дека, како што велат, „вистината излегува на виделина“, а одговорност ќе има и за, како што наведуваат, „продолжувачите на политиките на Груевски“.

Back to top button
Close