Со проширување на капацитетите на „Јохан Хајнрих Песталоци“ сите основни училишта во Центар преминуваат на едносменска настава, најави Герасимовски

Советот на Општина Центар, на предлог на градоначалникот Горан Герасимовски, ја усвои одлуката за изработка на Архитектонско-урбанистички проект за доградба на Основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, со што ќе се создадат услови сите основни училишта во општината да преминат на едносменска настава.
Со доградбата ќе се зголемат просторните капацитети на училиштето и ќе се обезбедат подобри услови за учениците и наставниот кадар. Истовремено, Општина Центар ќе го заокружи процесот на воведување едносменска настава во сите основни училишта на нејзина територија.
„Со доградбата на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ не само што ги прошируваме капацитетите на училиштето, туку го исполнуваме и едно од нашите најважни ветувања – сите основни училишта во Општина Центар да преминат на едносменска настава. Тоа значи подобри услови за учење, поквалитетна организација на наставата и повеќе време за учениците и нивните семејства“, изјави Герасимовски.
Од Општина Центар истакнуваат дека продолжуваат со инвестиции во образованието, со цел создавање современи, функционални и безбедни училишта кои ќе обезбедат квалитетни услови за учење и развој на секое дете.






