Зајкова: Предлогот за електронско гласање за дијаспората, но не и за граѓаните тука, е политичка шизофренија
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, ја обвини Владата дека води неконзистентна политика во однос на двојното државјанство и правата на македонската дијаспора.
„Мене сето ова ми наликува на политичка шизофренија. Лош збор е и можеби не треба да се употреби, но ќе појаснам – тоа е кога кажувате две целосно контрадикторни работи, а истовремено тврдите дека сте конзистентни во политиките“, изјави Зајкова во гостување на Радио Лидер.
Таа потсети дека пред неколку месеци владејачкото мнозинство поднесе закон со кој се предвидуваше забрана за двојно државјанство за пратениците.
„Да се вратиме неколку месеци наназад. Дали владејачкото мнозинство не поднесе закон со кој бараше да се забранат двојните државјанства за пратениците, со цел да ѝ покаже на јавноста дека тие немаат двојни пасоши? А сега одеднаш слушаме дека нема решение“, рече Зајкова.
Според неа, Владата испраќа спротивставени пораки кон иселениците.
„Од една страна велите дека нема да има двојни пасоши, а од друга страна на дијаспората ѝ порачувате: ‘Испраќајте ги вашите пари, гласајте за нас за да имаме пратеници, но ако некој од вас сака да биде избран, тогаш тоа нема да може’, бидејќи голем дел од луѓето во дијаспората имаат двојно државјанство“, истакна таа.
Зајкова смета дека прашањата треба да се решаваат по јасен редослед и со исти правила за сите функционери.
„Прво да видиме дали ќе помине законот за двојните државјанства. Јас барам тој да важи и за владините функционери, ако веќе се носи таков закон. Потоа можеме да разговараме дали ќе има електронско гласање за сите граѓани или само за дијаспората. Не може на луѓето да им го ограничувате пасивното избирачко право, а истовремено да им велите дека имаат активно избирачко право“, порача претседателката на ЛДП.





