Иран погуби маж осуден за палење владина зграда за време на протестите
Иранските власти погубија маж осуден за палење на владина зграда за време на антивладините протести во јануари годинава, што претставува најнов случај во серијата егзекуции поврзани со немирите кои ја потресоа земјата.

Според иранската правосудна агенција „Мизан“, смртната казна над Мохамад Амини Дехагани била извршена со бесење, откако Врховниот суд ја потврдил пресудата. Од правосудството соопштија дека сите законски постапки биле завршени и дека судењето се одвивало во присуство на негов адвокат, но не открија кога бил уапсен, ниту кога му била изречена пресудата.
Обвинителството тврди дека на 9 јануари 2026 година Дехагани фрлил молотов коктел врз зградата на гувернерот во градот Дехаган, во покраината Исфахан, предизвикувајќи пожар. Според властите, тој исто така нападнал полициска станица, блокирал патишта и оштетил јавен имот. Како докази биле наведени снимки од надзорни камери и признание на обвинетиот.
Дополнително, тој бил обвинет и за ширење антивладина пропаганда, контакти со профили на социјалните мрежи поврзани со династијата Пахлави, комуникација со владини противници и ширење содржини кои, според обвинението, имале цел да ја вознемират јавноста.
Дехагани беше осуден за кривичните дела „мохаребе“ („војна против Бога“) и „ефсад-е фел-арз“ („ширење корупција на Земјата“), кои во иранскиот правен систем се меѓу најтешките обвиненија и носат смртна казна.
Според државните медиуми, обвинението вклучувало и наводи дека користел автоматска пушка „калашников“, која наводно била одземена од безбедносните сили за време на јануарските протести, што властите ги опишуваат како обид за државен удар.Протестите избувнаа по наглиот раст на инфлацијата и брзо се проширија низ целата земја. Бројот на загинати останува предмет на спор. Иранските власти тврдат дека загинале 3.117 лица, додека организацијата за човекови права HRANA соопшти дека потврдила 7.007 жртви. Постојат и непотврдени процени според кои бројот на загинати би можел да достигне и до 40.000.
Организациите за човекови права со години предупредуваат дека во Иран судските процеси поврзани со протестите се нетранспарентни, дека обвинетите често немаат пристап до независна правна помош и дека пресудите неретко се темелат на признанија добиени под присила.
„Амнести интернешнл“ претходно оцени дека иранските власти ја користат воената состојба како оправдување за засилување на репресијата преку масовни апсења, забрзани судски постапки, политички мотивирани егзекуции и конфискација на имот.
Одделно, иранското правосудство соопшти дека биле погубени уште двајца мажи, осудени за членство во терористичката организација Исламска држава и за вооружена побуна против Исламската Република.






