Сопружници осомничени дека го убиле докторот во Железара пред две години: жртвата била намамена на средбата

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против две лица осомничени за убиството на матичниот лекар Ацо Трповски, кој во март минатата година беше пронајден мртов во кругот на Поликлиниката „Железара“.

Според обвинителството, врз основа на повеќе наредби на јавен обвинител и дополнителни сознанија, Министерството за внатрешни работи обезбедило докази што упатуваат на основано сомнение дека 65-годишен маж го извршил кривичното дело убиство, додека неговата 59-годишна сопруга е осомничена за помагање.

 

Според истрагата, на 21 март 2024 година, на паркинг во населбата Автокоманда, осомничената претходно договорила средба со жртвата и влегла во неговиот автомобил. Кратко потоа пристигнал нејзиниот сопруг, ја отворил вратата од возилото, го извлекол Трповски и започнал вербална расправија со него.

„Во еден момент, осомничениот извадил нож и му нанел девет убодни рани во градите и телото од кои оштетениот починал“, соопшти Обвинителството.

По убиството, според обвинителството, сопружниците заедно го ставиле телото на предното седиште од автомобилот. Осомничениот потоа го одвезол возилото до паркингот кај Поликлиниката „Железара“, каде што телото било префрлено на возачкото седиште, додека осомничената ги избришала трагите од автомобилот, по што двајцата го напуштиле местото.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

Матичниот лекар Ацо Трповски беше пронајден мртов во март 2024 година во кругот на Поликлиниката „Железара“, откако неговите синови почнале да го бараат бидејќи не се вратил дома од работа. Лекар од Итната медицинска помош тогаш констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото било предадено на обдукција. Од МВР тогаш соопштија дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Back to top button
Close