Пожарот кај село Бајково на Огражден повторно се активираше, три ер трактори се упатени да го гаснат


Шумскиот пожар, кој избувна вчера попладне кај селото Бајково, на планината Огражден, во Општина Ново Село, повторно се активираше откако претпладне беше објавено дека е ставен под контрола.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ), Стојанче Ангелов информираше дека заради реактивирање на пожарот над село Бајково три ер трактори полетале кон местото на пожарот.

Во гаснењето, покрај ер тракторите, учествуваат и екипи на ТППЕ Струмица, ЈП „Македонски шуми“ ДПД „Рис-Оперативци“ од Ново Село, Шумска полиција и повеќе доброволци.

Вчера пожарот, кој зафати ниска вегетација и мешана шума, се прошири и се закануваше да ја зафати тамошната црква, но со крајни напаори тој беше локализиран и црквата беше спасена.

Според Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска до 13:00 часот, се регистрирани вкупно 3 пожари на отворен простор, од кои активен е еден пожар, под контрола е еден, а изгаснат е еден пожар

Back to top button
Close