ОН: Над 500 Рохинџи исчезнати по две бродски несреќи крај Мјанмар
Над 500 Рохинџи се стравува дека загинале во две бродски несреќи крај западниот брег на Мјанмар, соопштија Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) и Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Два чамци кон крајот на минатиот месец испловиле од државата Ракајн во западниот дел на Мјанмар, на кои имало стотици Рохинџи.
Според податоците на двете агенции на ОН, еден од чамците превезувал околу 250 лица и го изгубил контактот со копното кратко по испловувањето. Вториот, со околу 280 патници, на 8 овој месец потонал крај брегот на областа Ајејарвади, во јужниот дел на земјата.
Рохинџите се муслиманско малцинство во претежно будистичкиот Мјанмар. Тие со години се соочуваат со прогон и голем број од нив бегаат по морски пат кон други земји во регионот.






