Зајкова: Да не беше трагично, обвинувањето на премиерот за пропаднатиот обид за измени на Изборниот законик ќе беше смешно

Да не беше трагично, обвинувањето на премиерот за пропаднатиот обид за измени на Изборниот законик ќе беше смешно. Значи ова не е само невистина, ова е брутална, безобразна манипулација која ја потценува интелигенцијата на секој граѓанин! И најстрашното, најтешкото од сè е што целата оваа манипулација ја плаќате вие, граѓаните, од вашиот сопствен џеб, додека тие ве лажат во очи“, изјави во своето гостување во Телма ТВ претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, се наведува во соопштението на ЛДП кое МИА го пренесува интегрално.
„Дозволете да ја соголам оваа лага точка по точка, бидејќи сè е објавено на интернет, а и вашата редакција тоа јасно го има документирано: Во нивната сопствена Програма за работа на Владата за 2025 година, еве на страна 22, јасно стои: Итни измени на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР со рок – март 2025 година според Реформската агенда, крајниот рок беше јуни 2025 (лани јуни!), а апсолутниот грејс-период помина на 30 јуни 2026 година“, појаснува Зајкова и прашува каде сме денес.
Зајкова дополнува дека во Министерството за правда сега имаме министер, заменик-министер, државен секретар, шефови на кабинети, советници… сите тие се скапо платени со илјадници евра народни пари.
„Патуваат со дневници, уживаат во луксузни кабинети, имаат на располагање цела државна администрација и – пари добиваат за да не поднесат ниту еден единствен закон цела година! Срамота! И сега кога Европската комисија официјално ни пиша дека ’чекорот не е постигнат’ поради нивната мрзливост, опозицијата им е виновна? Па ова е епско расуло на системот со кое си ги земаа платите, дневниците и привилегиите а ни изгубија 4.2 милиони евра“, заклучува претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.
„Тоа е тој врв на лицемерието и најочигледниот доказ за нивното безобразие! Додека тие прават евтини театри и ронат солзи пред камерите за 4 милиони евра за изборите, со сопствената неспособност извадија од устата на народот и фрлија во буниште речиси 170 милиони евра од европскиот План за раст! Биле шампиони, да Ш во Ш, Шампиони во Ш-лигата, инаку вистината е изгубени 4.2 милиони за изборниот законик и уште повеќе од сто други милиони евра“, изјави претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова во гостување на Телма ТВ.
Според претседателката на ЛДП, Зајкова, за тие изгубени 170 милиони владејачкото мнозинство не снимало патетични ПР-видеа платени со народни пари, ниту пак свикало лидерски средби.
„Ни прават претстава за пари извадени од џебот на сиромашниот Македонец“, децидна е Зајкова.
ЛДП






