„Савески ја одмрзна Белата палата и му ја врати насмевката на Мицкоски со судство кое ги изгуби и оние 2% доверба“, велат од Левица
Политичката партија Левица преку соопштение реагираше на ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“ и на одлуката да не биде конфискувана зградата позната како Белата палата, оценувајќи дека станува збор за однапред предвиден исход, а не за независна судска одлука.

Според Левица, клучен момент во постапката било повлекувањето на овластувањата на обвинителката која со години работела на предметите „Талир“ од страна на државниот јавен обвинител Ненад Савески. Од партијата тврдат дека со тоа бил отстранет, како што наведуваат, единствениот фактор што можел да влијае предметот да продолжи во досегашната насока.
Во соопштението се наведува дека префрлањето на предметот било направено непосредно пред настапувањето на застареноста, со што, според Левица, била оневозможена реална можност Апелациониот суд да одлучува по евентуална жалба, а конфискацијата на имотот станала правно невозможна.
Од Левица оценуваат дека главната цел не била кривичната одговорност на Груевски, туку задржувањето на Белата палата во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, станува збор за објект за кој претходно биле утврдени незаконитости во постапките пред судот и кој, како што наведуваат, требало да стане државен имот.
Во реакцијата се посочува и дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претходно јавно изразувал незадоволство поради замрзнатиот статус на партискиот имот, а Левица тврди дека со последната судска одлука тоа прашање е решено во корист на партијата.
Партијата оценува дека ваквиот развој на настаните дополнително ја намалува довербата на јавноста во правосудниот систем и претставува уште еден доказ за, како што наведува, политичко влијание врз институциите.






