Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, не ја коментира оставката на колегата Гоце Наумовски
Собранието денеска го објави факсимилот од неотповикливата оставка што вчера си ја поднесе професорот Гоце Наумовски од судија на Уставниот суд, а која дојде само пет месеци откако беше избран на функцијата.

Оставката на Наумовски е објавена на веб-страницата на законодавниот дом и како што може да се види таа е многу куса по содржина.
Што пишува во оставката на Наумовски
„Поднесувам неотповиклива оставка од функцијата судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија, од лични и професионални причини“,пишува Наумовски во оставката адресирана до Собранието.
Според архивскиот печат на парламентот таа во законодавниот дом е примена вчера (16 јули 2026 г.), а денеска, според материјалите објавени на веб-страницата, оставката во електронска форма е доставена од пратениците.
Бидејќи станува збор за неотповиклива оставка таа треба да биде само констатирана од Собранието, а како што предвидува Деловникот на македонскиот парламент, тоа треба да се случи на првата наредна пленарна седница.
Ова е уредено во членот 121 од Деловникот, кој содржи два става.
„Секој носител на јавна или друга функција што го избира или именува Собранието има право да поднесе оставка и може да ја образложи, во траење од 15 минути.
Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на носителот на јавната или друга функција мандатот му престанува“,велат ставовите 1 и 2 од посочениот член во Деловникот.
Следната седница, според календарот на Собранието, е закажана за 30 јули. Станува збор за 113. Седница на законодавниот дом со единствена точка на дневен ред – поставување пратенички прашања. Ако се оди по процедурата, Претседателот на Собранието треба да ја констатира оставката на Наумовски пред пратениците да почнат со поставувањето прашања до претставниците на извршната власт.
Но, како што информираат службите во Собранието за „360 степени“, оставката на уставниот судија Гоце Наумовски може да биде констатирана и доколку во меѓувреме Собранието одржи продолжение на некоја од пленарните седница што веќе се започнати или закаже друга, со нови точки на дневен ред.
Отсуство од седници
Оставката на професорот Гоце Наумовски, барем за јавноста дојде ненадејно. Тој на функцијата беше избран пред точно пет месеци, од страна на Собранието, а како предлог на владејачкото мнозинство.
За оставката, според вчерашниот одговор од Уставниот суд на новинарските прашања, не бил известен ниту Судот. Претседателот на институцијата Дарко Костадиновски за оставката на својот колега дознал во телефонски разговор со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Поради отсуството на Наумовски вчера Уставниот суд го одложи одлучувањето за предметот по иницијативата на политичката партијата Левица за Изборниот законик, во делот на платеното политичко рекламирање. Инаку, како што дознаваме, судијата Наумовски не присуствувал ниту на седницата на Уставен одржана минатата среда (8 јули), кога оваа иницијатива, исто така беше на дневен ред, но по неа не беше одлучено бидејќи не беше обезбедно потребното мнозинство.
Оставката на Наумовски отвори две прашања и дилеми.
Гоце Наумовски избран за нов уставен судија
Две оставки на професори од Правен за помалку од една година
Едната ја наметнува фактот што тој е вториот професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, избран за уставен судија, кој си поднесува оставка од функцијата.
Професорот Гоце Наумовски за уставен судија беше избран на 18 февруари оваа година на предлог на Собранието. Неговиот избор уследи откако едно столче во Уставниот суд остана испразнето по повлекувањето на професорката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска во декември минатата година. Дабовиќ-Анастасовска, како и Гоце Наумовски е професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ. На функцијата таа беше избрана на 12 декември 2023 година и неа ја извршуваше до 2 декември 2025 година, односно две години, пред да си поднесе оставка поради здравствени и лични причини.
„360 степени“ упати прашање до професорот Гоце Наумовски, дали може да сподели повеќе информации поради какви професионални причини решил да си поднесе оставка. До објавувањето на овој текст, не добивме одговор.
Паралелно, се обративме и до претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Прашањата што му ги поставивме беа: Како ја коментира оставката на колегата Гоце Наумовски? Дали разговарал со него? Дали Уставниот суд добил официјално известување од Собранието за оставката? Му побаравме и коментар за тоа што двајца професори од Правниот факултет, за краток период, си поднесоа оставки од функциите судии во Уставниот суд.
Костадиновски не разговарал со Наумовски и нема коментар за оставката
…
Повеќе






