Париз и Берлин бараат поголема воена независност на Европа


Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ветија дека ќе ја продлабочат билатералната соработка во областа на одбраната и ќе се спротивстават на зголемената економска конкуренција од Кина, која, според нив, врши значителен притисок врз Европа преку пренатрупаност на пазарот и вештачко намалување на вредноста на јуанот.

Мерц и Макрон се сретнаа во рамките на редовната седница на Француско-германскиот совет за одбрана и безбедност, со цел да ги намалат тензиите предизвикани од прекинувањето на долгоочекуваниот заеднички проект за развој на борбен авион меѓу двете најголеми економии во Европската Унија.

Германската Влада претходно оваа година ја прекина француско-германско-шпанската програма за развој на борбени авиони од следната генерација, потсетува Франс прес. Програмата, позната како „Идна борбена воздушна система“ (Future Combat Air System – FCAS), со месеци беше во застој поради несогласувањата меѓу двете компании задолжени за проектот – „Дасо“ (Dassault) и „Ербас“ (Airbus).

– Правиме сè што е потребно за зачувување на нашата слобода, безбедност и колективна одбрана – изјави Мерц на заедничката прес-конференција со Макрон.

Двајцата лидери претставија список со заеднички цели, меѓу кои се развој на системи за противракетна одбрана, како и ракети за напади на големи далечини.

Мерц и Макрон истовремено упатија критики кон Кина, наведувајќи дека земјата не ги почитува правилата на меѓународната трговија, бидејќи ѝ обезбедува на својата индустрија државна поддршка која е најмалку осумпати поголема од помошта што ја даваат другите земји членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕСР).

– Ние на никаков начин не сме против Кина, ниту во дипломатска ниту во економска смисла, но… гледаме на работите трезвено – рече Макрон, додавајќи дека Европа акумулирала трговски дефицит со Кина од една милијарда евра дневно.

Соработка во областа на нуклеарното одвраќање

Мерц и Макрон веќе ги претставија своите предлози за билатерална соработка во областа на нуклеарното одвраќање, во услови на сè појасни сигнали од САД дека имаат намера да ги намалат своите обврски кон одбраната на Европа.

– Во оваа област применуваме постепен пристап кој може да доведе до нова доктрина – изјави Мерц, додавајќи дека работата сè уште е во почетна фаза. Секоја форма на соработка ќе претставува дополнување на постојните договори во рамките на НАТО, нагласи германскиот канцелар.

Макрон јасно порача дека Франција ќе продолжи да ја презема целотната одговорност за своето нуклеарно одвраќање.

– Финансирањето на француската нуклеарна програма секогаш ќе биде обезбедено од Франција – рече Макрон, одговарајќи на новинарско прашање дали Париз размислува за дополнително германско финансирање.

Работата на таканаречениот Иден борбен воздушен систем (FCAS) ќе продолжи и покрај откажувањето на проектот за заеднички развој на нов борбен авион.

– Идната борбена воздушна система никогаш не беше само проект за нов борбен авион – изјави Мерц, пренесува ДПА. – Ние… остануваме верни на овој систем, продолжуваме да го развиваме и прошируваме – додаде тој.

Во рамките на оваа иницијатива беше развиен систем за споделување информации преку облак. „Борбениот облак“ (Combat Cloud) е наменет за поврзување на различни оружени системи.

Облачната средина и целокупниот систем за управување можеби на долг рок ќе бидат многу поважни од еден нов борбен авион, заклучи Мерц.

Back to top button
Close