ВМРО-ДПМНЕ со отчет за образованието: Тврдат дека е ставен крај на хаосот со учебницитe

Според партиското соопштение, учениците веќе втора година по ред ги добиваат учебниците уште од почетокот на учебната година, а за првпат по подолг период биле обезбедени и учебници по странски јазици. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека биле набавени повеќе од еден милион примероци, со заштеди од околу 45 милиони денари во последните две години.
Во соопштението се наведуваат и инвестиции во модернизација на училиштата. Според ВМРО-ДПМНЕ, над 160 училишта добиле современа ИТ опрема, воведени се дигитални услуги за ученици и студенти, нов електронски дневник и електронски свидетелства.
Од партијата информираат дека биле вложени и повеќе од 70 милиони евра во образовна инфраструктура – изградба и реконструкција на училишта, спортски сали и проширување на капацитетите.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека овие мерки претставуваат „враќање на достоинството и квалитетот“ во образовниот систем.






