ДУИ: Мимоза Муса е симбол на лицемерие и изборна измама

„Подеднакво срамно е и нејзиното молчење за исклучувањето на жените од власта. При реконструкцијата на Владата, Влен, кој раководи со шест министерства, не успеа, ниту пак се заложи, барем една жена да биде именувана за министерка“, велат од партијата

Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение упати обвинувања за непотизам и лицемерие кон потпретседателката на Влен, Мимоза Муса. Од опозициската партија нагласуваат дека сето она што ВЛЕН го ветувал пред изборите за меритократија, транспарентност и родова еднаквост, денес се покажало како „голема изборна измама“.

Обвинувањата на ДУИ доаѓаат поради именувањето на таткото на Муса, Ариф Муса, кој е веќе во пензија, за член на Одборот на Развојната банка. Според опозицијата, ова јасно покажува дека за Влен „таткото е на прво место“, наместо ветувањата за вработување според заслуги.

Партијата, исто така, ја критикува потпретседателката на Влен за нејзиниот молк во врска со третманот на жените во извршната власт.

„Подеднакво срамно е и нејзиното молчење за исклучувањето на жените од власта. При реконструкцијата на Владата, Влен, кој раководи со шест министерства, не успеа, ниту пак се заложи, барем една жена да биде именувана за министерка“,се наведува во соопштението на ДУИ.

Од ДУИ потсетуваат дека во својата изборна програма Влен се обврзала на конкретни мерки за родова еднаквост и фер вработувања, меѓу кои обезбедување на 40 проценти застапеност на жените на сите именувани функции, давање предност на помалку застапениот пол при еднаков број бодови на конкурсите, вработување врз основа на заслуги, а не на партиска книшка и целосна транспарентност и јавно разгледување на секоја жалба.

Наместо реализација на овие ветувања, од опозициската партија посочуваат дека во пракса се донесени „нула министерки“, додека на клучни позиции се именуваат поблиски роднини.

Според ДУИ, поради овие постапки, Мимоза Муса веќе нема морален кредибилитет да зборува за еднаквост и вредности, бидејќи фактите го потврдуваат спротивното.

Back to top button
Close