Лежалки „исчезнати“ во Италија, се „појавиле“ на позната плажа во Драч

Вкупно 350 лежалки исчезнале пред две години преку ноќ од рекреативниот комплекс „Onde Chiare“ на Виа Фенули, во италијанскиот град Реџо Емилија, кои според тамошната полиција „ биле украдени од непознати лица“.
-Една година подоцна, минатото лето, лежалките изненадувачки се „појавија“, сè уште со видливо лого „Onde Chiare“, на плажа на објект на познатото одморалште „’Ртот Родон“, карпест полуостров на јадранскиот брег, северно од Драч. Нив ги откри туриска од Реџо Емилија, која беше на одмор во Албанија, објавија албанските медуми.
Таа им испратила на менаџерите на комплексот е-пошта со фотографии од лежалките, откако претходно прочитала за кражбата во локалните медиуми.

Алберто Костоли и Енрико Кавацони, менаџерите на комплексот, го задолжиле адвокатот Џанлука Далари да покрене судска постапка за враќање на опремата, чија вредност надминува 45 илјади евра. Размислувале сами да одат во Албанија, но го избрале, како што велат, законскиот пат.
– Размислувавме сами да одиме да ги земеме, но потоа решивме да го следиме законскиот пат. Нашиот адвокат пронајде и адвокат во Албанија, кој покрена судска постапка. Според законот, нашите лежалки требаше да бидат запленети и ставени под надзор од страна на албанските власти. Но, друг клиент, кој се случи да биде во Драч овие денови, ни испрати ново видео, кое потоа го објавивме на Инстаграм. Во него, јасно се гледа дека лежалките се уште се на плажа и ги користат клиентите на тој објект. Многу сме револтирани.Тоа не е добра реклама за туризмот – изјави Костоли.
Поради оваа причина, тие одлучиле случајот да го објават јавно.

„Ги тагиравме локалните медиуми, испративме е-пошта до редакцијата на емисијата „Ле Иен“, позната по своите истражувања. Го означивме и премиерот на Албанија, Еди Рама, бидејќи тој често зборува за развојот на албанскиот туризам. Кражбата на лежалки во Италија и нивната употреба во Албанија воопшто не е добра визит-карта за туристите и за угледот на земјата. Со години соработуваме со албански добавувачи и никогаш не сме имале никакви проблеми. Се надеваме дека албанскиот премиер ќе биде заинтересиран за нашиот случај, бидејќи веќе не знаеме кој пат да го следиме, велат сопствениците.
Во меѓувреме, објавата на социјалните мрежи брзо се прошири, добивајќи десетици споделувања и стотици лајкови, сè додека не стана вирална.
„Се надеваме дека малку бучава и медиумски притисок ќе помогнат во решавањето на ова прашање“, заклучува Костоли. „Само помислете колку штета и загриженост ни предизвика оваа кражба, која се случи на почетокот на летната сезона, пред две години“. вт/ссм/






