Над 1.600 заболени во Гостивар, епидемијата не стивнува – забраната за користење вода останува во сила, денеска ќе има резултати
Над 1.600 граѓани побарале лекарска помош од почетокот на епидемијата во Гостивар. Вчера и завчера во тамошната болница „Ферид Мурад“ биле прегледани повеќе од 300 пациенти со симптоми на гастроентеритис. На Детското одделение биле 105 деца кои исто така имале симптоми на гастроентеритис.

Епидемијата официјално беше прогласена откако беше надминат неделниот праг на заболени, а Центарот за јавно здравје – Тетово, Одделението за епидемиологија во Гостивар, продолжува со секојдневно следење на состојбата и прибирање податоци од терен.
Епидемиолозите и понатаму немаат конечен одговор што ја предизвикало појавата на заболувањето. Во тек се епидемиолошки анкети со пациентите, анализа на нивните навики и можните заеднички фактори, а паралелно се обработуваат и лабораториските резултати. Денеска се чекаат резултати и за тоа дали водата во Гостивар била безбедна за пиење.
Во меѓувреме, полицијата и Обвинителството сè уште немаат официјални информации за наводите дека инспекциски и здравствени екипи биле спречени при земање мостри, ниту за евентуални приведувања поврзани со случајот.






