Пронајдени тројца мртви во превртен „Мерцедес“ со германски таблици кај Блаце
Tри лица кои вчера беа пријавени за исчезнати, се пронајдени починати синоќа во превртено возило „Мерцедес” на патот ГП Блаце – Скопје, соопшти МВР.

– На 19.07.2026 во 22:35 часот во СВР Скопје е пријавено дека на патот ГП Блаце – Скопје има превртено возило „мерцедес” со германски национални ознаки. Веднаш се упатени полициски службеници на местото на настанот и е утврдено дека во возилото има три починати лица (едно машко и две женски лица). Смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, наведува МВР.
Претходно, во 13:40 часот, во полициската станица Бит Пазар, државјанин на Косово пријави дека три лица се исчезнати, а последен контакт имал со нив на 18.07.2026 околу 22:15 часот, кога тие биле на аеродромот во Скопје.






