СДСМ се обидува со префрлање на одговорноста да го политизира случајот во Гостивар, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира на обвинувањата од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) кој побара одговорност од министерот за здравство Сашо Клековски и надлежните институции поради задоцнета реакција во Гостивар. Во градот од вчера е прогласена епидемија на гастроентеритис откако од минатата недела секој ден расте бројот на жители на градот кои побарале лекарска помош поради стомачни тегоби.

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: „360 степени“ (Архива)

Во врска со наводите на СДСМ дека министерот и институциите пет дена криеле што се случува во Гостивар, пред да се пријави епидемија, од владејачката партија велат дека со тоа социјалдемократите само ја префрлаат вината што за ситуацијата ја имаат локалните власти обидувајќи се на тој начин да го политизираат случајот.

Во таа насока, од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека на Социјалдемократскиот сојуз и на неговиот лидер Венко Филипче не им е до заштита на здравјето на граѓаните, туку како да добијат политички поен плус и затоа ја злоупотребуваат ситуацијата во Гостивар.

„Во СДС со очајни соопштенија се обидуваат да ја искористат ситуацијата во Гостивар за дневнополитички поени, наместо да  дозволат институциите да си ја вршат работата, да се произнесат и да се утврдат фактите. Во случајот со Гостивар, надлежните институции постапуваат согласно своите законски овластувања и секоја евентуална одговорност ќе ја утврдат надлежните органи, врз основа на докази, а не врз основа на политички прес-конференции“,се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија велат дека локалната самоуправа има јасно дефинирани надлежности во однос на водоснабдувањето и комуналните услуги и во таа насока додаваат дека доколку се утврдат пропусти во работењето, тие треба да бидат предмет на одговорност, без разлика на политичката припадност. Ваков став денеска со новинарите сподели и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој кажа дека локалната власт треба да понесе морална одговорност за случајот.

Од неговата партија реагираат дека обидите за префрлање на вината, без завршена истрага, претставуваат неодговорно политизирање на случајот од страна СДСМ.

„ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека секој што има законска или службена одговорност треба да одговара, доколку тоа го утврдат надлежните институции. Нема да дозволиме трагедии и здравствени инциденти да бидат злоупотребувани за ширење политички конструкции и неосновани обвинувања“,се вели во реакцијата на владејачката партија.

Наведувајќи ги информациите и сознанијата што досега се познати во јавноста, членката на Извршниот одбор (ИО) на партијата, Нашата Поповиќ, денеска на прес-конференција рече дека епидемија била прогласена дури откако амбулантите и болниците биле преплавени со пациенти, чиј број достигнал речиси 2 000 граѓани.

Поповиќ, пренесувајќи го ставот на партијата, го обвини министерот за здравство Сашо Клековски дека наводно пет дена ја криел информацијата оти има масовно труење во Гостивар, што оневозможило брза институционална реакција.

Седиштето на СДСМ / Фото: Архива

Министерот за здравство, Сашо Клековски на денешната прес-конференција рече дека во ниеден момент немало криење информации од Министерството за состојбата во Гостивар и упати апел до граѓаните да соработуваат со институциите, да даваат податоци за епидемиолошките анкети и анализи за да може се поврзат податоците. Тој кажа дека здравствените власти чекаат согласност од Јавното обвинителство за да ги соопштат резултатите за водата во Гостивар што доведе до масовно труење на населението и прогласување епидемија.

Во однос на моментната состојба во Гостивар, Клековски посочи дека има речиси 3 100 здравствени контакти од Здравствениот дом Гостивар и Општата болница, вклучително телефонски јавувања и интервенции на Брзата помош.

Попладнево од Министерството за внатрешни работи (МВР) потврдија дека во полициска акција денеска е уапсена в.д. директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани. Покрај неа, во акцијата, која се спроведува врска со сомненијата за загадување на водата во гостиварскиот водовод, приведени се и шефот на гостиварски „Водовод и канализација“ и техничкиот директор на ЈП „Комуналец“-Гостивар.

Back to top button
Close