Даниловски: Случајот во Гостивар не смее да се сведе само на вина на поединци
Македонскиот епидемиолог д-р Драган Даниловски се огласи на Фејсбук со нова анализа за епидемијата во Гостивар, откако Основното јавно обвинителство отвори истражна постапка против тројца раководни лица во ЈП „Комуналец“ – Гостивар.

Според Обвинителството, постои основано сомнение дека при тестирање на притисокот во водоводниот систем биле користени потопни пумпи со кои вода од отворен канал била внесена во системот за водоснабдување. Како последица, дошло до мешање на површинска и вода за пиење, а анализите покажале значително зголемени вредности на колиформни бактерии и други микробиолошки показатели.
Според Даниловски, овие сознанија првпат нудат конкретен и биолошки веројатен механизам преку кој загадената вода можела да навлезе во водоводната мрежа, што дополнително ја зајакнува хипотезата дека станува збор за хидрична епидемија.
Сепак, тој потенцира дека истрагата сè уште не е завршена и дека причинителот на заболувањата не е конечно утврден. За целосно расветлување на случајот, според него, потребни се дополнителни микробиолошки и епидемиолошки испитувања, анализи кај заболените, проверки на водоводната мрежа и реконструкција на текот на епидемијата.
Даниловски нагласува дека епидемиолошката и кривичната постапка имаат различна цел. Епидемиологијата треба да го утврди начинот на ширење на заразата и причинско-последичниот синџир на настани, додека обвинителската истрага треба да покаже дали постои кривична одговорност и кој евентуално ја сноси.
Воедно, предупредува дека случајот не смее да се сведе само на одговорност на поединци. Според него, неопходно е да се анализираат и евентуалните системски пропусти – процедурите за управување со водоснабдителниот систем, санитарниот надзор, контролата на ризиците, координацијата меѓу институциите и навременото информирање на јавноста.
„Новите сознанија значително ја зајакнуваат веројатноста дека контаминацијата на водата била клучниот фактор за појавата на епидемијата. Но, конечните заклучоци треба да се темелат на целосно завршена истрага и независна стручна анализа, за вакви случаи никогаш повеќе да не се повторат“, заклучува Даниловски






