Хоџа за случајот со водата во Гостивар: Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси, очекувам кривична и морална одговорност

Случајот со загадувањето на водоводната мрежа во Гостивар е сериозен инцидент кој директно го загрози здравјето на илјадници граѓани.

Сакам јасно да кажам дека очекувам целосно да се утврдат сите факти и околности, како и да се утврди и кривична и морална одговорност за сите кои со своето постапување или непостапување придонеле за оваа состојба. Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси, ниту прикривање на одговорноста, рече утрово министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа на прес-конференција во Владата.

Како што истакна Хоџа пред да бидат соопштени наодите од Инспекторатот за животна средина, институциите будно го следат развојот на случувањата. Тој изрази загриженост за сите заболени граѓани од Полошкиот регион.

Министерот потенцира и дека снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, собирањето и третманот на отпадните води се надлежност на општините и јавните комунални претпријатија. Општините, напомена, се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставување и заштита на санитарните заштитни зони околу водните извори.

 

– Би сакал да ги уверам гостиварчани дека Владата ги презема сите мерки, секако во рамки на своите надлежности, и така ќе продолжи се до конечно расчистување на овој случај. Важно е граѓаните да знаат и кои се законските надлежности. Снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, собирањето и третманот на отпадните води се надлежност на општините и јавните комунални претпријатија. Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставувањето и заштитата на санитарните заштитни зони околу водните извори. Истовремено, контролата на квалитетот на водата за пиење е законска обврска на Центрите за јавно здравје, кои имаат обврска континуирано да ја следат исправноста на водата и навремено да ја информираат јавноста и надлежните институции кога ќе се утврди ризик по јавното здравје. Министерството за животна средина и просторно планирање останува целосно посветено на обезбедување услови за подобра комунална инфраструктура, објасни Хоџа.

 

Тој напомена и дека во моментов се спроведува најголем инвестициски циклус за унапредување на водоснабдувањето, канализационите системи, пречистителните станици и заштитата на животната средина.

-Ќе продолжиме да ги поддржуваме општините со инвестиции, стручна помош и политики кои го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните. Но, инвестициите сами по себе не се доволни. Секој носител на јавна функција и секоја институција и на централно и на локално ниво мора професионално, законски и совесно да ги извршува своите надлежности. Само така можеме да изградиме систем во кој вакви инциденти нема да се случуваат. Нашата обврска е да ја заштитиме животната средина, но пред сè да го заштитиме здравјето на граѓаните. Токму затоа очекуваме брза, темелна и транспарентна истрага, целосно расчистување на случајот и соодветна одговорност за сите инволвирани, нагласи Хоџа.

На прес-конференцијата во Владата се и портпаролката Марија Митева, директорката на Инспекторатот за животна средина Ивана Гиновска, како и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов.

Back to top button
Close