Со укинувањето на автоматското пребарување термини во „Мој Термин“, пациентите повторно ќе завршат во тетратки, а ние ќе бараме специјалисти рачно, реагира матична лекарка
Специјалистката по семејна медицина и сертифициран еходијагностичар, доктор Даниела Николовска, јавно реагираше на најавеното укинување на можноста програмите што ги користат матичните лекари автоматски да пребаруваат слободни термини за специјалистички прегледи преку системот „Мој термин“, оценувајќи дека ваквата одлука ќе создаде дополнителен административен товар и ќе ги отежне услугите за пациентите.

Николовска објаснува дека досегашната опција овозможувала секојдневно автоматско пребарување на слободни термини за пациентите кои веќе биле ставени на листа на чекање, по што системот автоматски резервирал термин доколку се ослободи место.
„Тоа не беше никаква привилегија. Тоа беше алатка која ни овозможуваше подобра организација и сигурност дека пациентите нема да бидат заборавени“, наведува таа.
Според Николовска, во нивната ординација во моментов има околу 100 пациенти на листа на чекање, а најголемиот дел од нив чекаат контролен специјалистички преглед.
Таа посочува дека, според правилата, контролниот преглед треба да го закаже специјалистот кој ја поставил индикацијата, но во пракса тоа речиси никогаш не се случува, па пациентите повторно се враќаат кај матичните лекари.
„Со укинувањето на автоматското пребарување ќе ги префрламе пациентите од електронска листа во тетратки. Секој ден рачно ќе пребаруваме дали се појавил термин. Ова не е дигитализација. Ова е враќање чекори наназад“, истакнува Николовска.
Таа нагласува дека матичните лекари не треба да бидат административни службеници, туку да се посветат на медицинската работа, превенцијата, дијагностиката и лекувањето на пациентите.
Во својата реакција поставува и повеќе прашања до надлежните, меѓу кои зошто не се решаваат системските проблеми, зошто не се почитуваат постојните правила и зошто товарот повторно се префрла врз матичните лекари.
„Без квалитетно примарно здравство не може да има квалитетен здравствен систем. Почитувајте ги матичните лекари. Тие се лекари, практикуваат медицина, не се ловци на термини“, порачува доктор Николовска, додавајќи дека одлуките треба да се носат во консултација со лекарите кои секојдневно работат со пациентите.






