ДУИ: Без ниту еден директор Албанец, зошто молчи Програмскиот совет на МРТ

Според партијата, именуваното лице не ги исполнува законските услови за извршување на оваа висока функција бидејќи пресметаното работно искуство му било стекнато пред завршувањето на високото образование

Поминаа седум дена од именувањето на новиот заменик-директор на Македонската радио-телевизија (МРТ), а Програмскиот совет сè уште нема дадено никакво образложение ниту одговор на обвинувањата за кршење на законот, реагираат денеска од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Според партијата, именуваното лице не ги исполнува законските услови за извршување на оваа висока функција бидејќи пресметаното работно искуство му било стекнато пред завршувањето на високото образование. Од ДУИ наведуваат дека јавно достапната документација покажува оти тој последниот испит го положил во 2024 година.

„Ниту неговите академски резултати не ги исполнуваат стандардите што се очекуваат од лице кое треба да раководи со најважната медиумска институција во државата. Сепак, Програмскиот совет одлучи да го игнорира законот и да наметне незаконско именување“,се вели во соопштението од ДУИ.

Покрај правните неправилности, од ДУИ изразуваат сериозна загриженост и за, како што велат, систематското исклучување на Албанците од раководните органи на јавниот сервис.

„За првпат од 2007 година, Македонската радио-телевизија нема ниту еден директор Албанец. Покрај генералниот и заменик-директорот, МРТ има и директор на Телевизијата и директор на Радиото. Речиси две децении, една од овие позиции беше раководена од албански кадри како дел од етничката рамнотежа. Денес, двете позиции ги извршуваат македонски кадри. Албанците се исклучени и од кабинетот на директорот. На четирите советнички позиции не е именуван ниту еден претставник Албанец“се наведува во партиското соопштение.

Поради ова, од ДУИ ги повикаа надлежните домашни и меѓународни институции за итна реакција.

Од Јавното обвинителство бараат да отворат постапка за да ја проверат законитоста на именувањето и да ја утврди одговорноста на сите лица што учествувале во донесувањето на одлуката. Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), велат од ДУИ, треба да испита дали во постапката биле прекршени законските одредби, пречекорени надлежностите или фаворизиран кандидат што не ги исполнувал законските услови.

Го повикаа и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) да ги заштити професионализмот и институционалниот интегритет на јавниот сервис.

„Ја повикуваме Делегацијата на Европската Унија во Скопје внимателно да го следи овој случај, бидејќи политичкото заробување на јавниот медиум и именувањата спротивни на законот се во директна спротивност со европските стандарди за владеење на правото, институционална независност и слобода на медиумите“додаваат од ДУИ.

Од партијата додаваат дека ќе ги користат сите законски, институционални и демократски средства за заштита на законитоста и мултиетничкиот карактер на МРТ.

„Во демократска држава, никој не смее да биде над законот. Јавниот сервис не е сопственост на политичка партија и не смее да се претвори во инструмент на власта преку незаконски именувања и етничко исклучување“,се вели во соопштението.

 

Back to top button
Close