Ѓорѓиевски: Во 2030 ќе почне чистењето на Вардар во Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, додека трае шокот од загадувањето на водоводот во Гостивар, сподели дека Пречистителната станица за Скопје е најголемиот и најсовремен еколошки проект во Македонија, кој опфаќа изградба на околу 60 објекти и кој треба донесе историска промена во заштитата на Вардар, животната средина и здравјето на граѓаните.

„По првичниот застој, предизвикан од незавршени административни процедури, неусвоени детални урбанистички планови, експропријација на земјиштето и задоцнети плаќања кон изведувачот, денес изградбата се одвива со забрзана динамика и согласно планираниот работен план“, истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека речиси 40% од градежните работи се веќе завршени.
Тој воедно посочи дека согласно договорот склучен меѓу ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и изведувачот, завршувањето на градежните активности е предвидено за во првата половина на 2028 година, по што ќе следат две години пробна работа, која треба да заврши во првата половина на 2030 година.






