Обвинителството врши претрес во партијата на Орбан – има истрага за грантови вредни околу 54 милиони долари

Партијата Фидес на Виктор Орбан ја обвини владата на премиерот Петер Маѓар дека се обидува „правно да ја уништи“ опозицијата, откако истражители од обвинителството извршија претрес во нивните простории и ги запленија серверите.

Ројтерс пренесува дека Фидес во своето соопштение не навел каде точно е извршен претресот, но обвинителството од округот Бач-Кишкун во јужна Унгарија потврдило за порталот 24.hu дека акцијата е поврзана со истрагата за наводна злоупотреба на средства и други кривични дела во Националниот фонд за култура (НКА).

Според Ројтерс, унгарските власти претходно оваа година покренаа кривична постапка против неколку сегашни и поранешни функционери поради одлуки за доделување грантови од Националниот фонд за култура во вредност од над 17 милијарди форинти (околу 53,9 милиони долари). Сите осомничени ги отфрлија обвиненијата и негираа каква било одговорност.

Истрагата беше покрената по обвинувањата дека Националниот фонд за култура префрлил милијарди форинти на уметници и организации поврзани со партијата Фидес преку нетранспарентен систем за доделување државни субвенции.

Унгарската опозициска партија Фидес, предводена од поранешниот премиер Виктор Орбан, соопшти дека истражители од обвинителството без претходна најава влегле во центарот каде што се наоѓаат партиските сервери и се обиделе да ја запленат целата комуникациска инфраструктура и базите на податоци.

Во објава на Фејсбук, Фидес наведе дека ова е потег без преседан од падот на комунизмот во 1990 година и ја обвини новата влада на премиерот Петер Маѓар и неговата партија Тиса за оваа акција.

„Истражители од обвинителството се појавија ненајавено во центарот каде што се наоѓаат серверите на Фидес, со намера да ги запленат целосниот комуникациски систем и базите на податоци на партијата. Вакво нешто не се случило во Унгарија од крајот на комунистичката ера во 1990 година“, соопштија од Фидес.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close