Не се исклучува можно проширување на истрагата и на други лица и институции за водата во Гостивар, велат од Обвинителството

На денешниот брифинг во Основното јавно обвинителство Гостивар, на кој присуствуваше и републичкиот јавен обвинител Ненад Савески, беше кажано дека истрагата е во почетна фаза и допрва треба да се утврди причинско-последичната врска меѓу епидемиолошката состојба и резултатите од анализираната вода

Загрижени граѓани од селото Вруток во Гостивар се првите кои на 16 јули пријавиле дека непроверена вода го полни водоснабдувачкиот систем во Гостивар. Првата наредба да се испратат инспектори на местото каде што се затекнати три пумпи, од кои две ви функција, ја издала обвинителката Зура Селими кај која бил распределен случајот.

Таа беше меѓу петтемина обвинители кои денеска на брифинг со новинарите информираа за активностите што ги презело гостиварското Основно јавно обвинителство во врска со случајот кој ја вознемири јавноста по информациите за масовно труење во Гостивар.

Во присуство на републичкиот јавен обвинител Ненад Савески и шефицата на ОЈО Гостивар, Елизабета Јосифовска, обвинителите информираа хронолошки за контактите со Министерството за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и за наредбите што ги издале за земање примероци од водата – во надворешниот канал, каптажата и улична чешма во градот.

Вешто лице, како што соопштија, утврдило дека од пумпите нечиста вода се внесува во т.н преливна комора на системот за водоснабдување.

Обвинителите ги потврдија наодите од анализираните примероци кои покажале зголемено присуство на колиформни и фекални бактерии во водата, но појаснија дека не станува збор за 50-кратно зголемување на вредностите во примероците од каптажата, туку од надворешниот канал. Во внатрешноста на каптажата се детектирани вредности од 39 колиформни бактерии, што сепак е значително повеќе над дозволениот минимум кој изнесува нула.

Водата од чешмите, пак, имала значително присуство на хлор. Анализите како што наведоа и доказите прибрани во предистрагата довеле до одлуката да отворат истрага за тројца осомничени – в.д директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Даути и техничкиот директор на јавното претпријатие „Комуналец“-Гостивар, Леон Мезини.

По квалификација на делото за кое се гонат осомничените- тешки дела против животната средина и природата, одреден е нов надлежен обвинител – Хазби Исени, кој ќе ја води истражната постапка. Тој ги потврди сознанијата кои вчера ги соопшти Обвинителството дека на 25 јуни осомничените дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата.

На новинарски прашања дали се опфатени болниците кои не алармирале при првите сомнителни случаи, како и центрите за јавно здравје кои не спроведувале редовна контрола на водата или давале погрешни информации дека водата е чиста, Исени кажа дека не ја отфрла можноста истрагата да се прошири и на други лица за кои ќе се потврдат основани сомненија. Според обвинителите, истрагата е во почетна фаза и допрва треба да се утврди причинско-последичната врска меѓу епидемиолошката состојба и резултатите од анализираната вода.

Во однос на меѓусебното префрлање одговорност на институциите на релација Министерство за здравство -Обвинителство во текот на вчерашниот ден, кога јавноста чекаше да се споделат анализите од примероците на водата, Савески посочи дека немало криење информации туку станувало збор за предистражна постапка која е тајна според легислативата. Обвинителството како што посочи Јосифовска за само неколку часа откако официјално им биле доставени резултатите од ИЈЗ ги анализирало и ги споделило со јавноста откако за предметот била отворена истражна постапка.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close