СДСМ: ОЈО и Савески ја ставија тајноста на истрагата над здравјето на граѓаните
Случајот со труењето во Гостивар разоткрива опасен и неприфатлив преседан. Обвинителството и надлежните институции ја ставија бирократската процедура и наводната „тајност на истрагата“ над уставното право на граѓаните на безбедна животна средина и здравје.

Загадувањето на водата започнало уште на 25 јуни. Наместо веднаш да реагираат, здравствените и инспекциските органи со недели молчеле и дозволиле граѓаните да консумираат фекално загадена вода- се наведува во соопштението на СДСМ.
Од партијата велат „Уште пострашно е што, и покрај сознанијата дека водата е загадена, само неколку дена пред отворањето на истрагата, институциите јавно ја прогласија водата за безбедна. Истрагата не е иницирана од здравствените институции, туку Основното јавно обвинителство морало да постапи по допрен глас. Ова само по себе говори за целосен институционален колапс. Најсериозниот проблем, меѓутоа, е однесувањето на Обвинителството“.
„Нивното инсистирање на „тајност на истрагата” како изговор за непреземање мерки за заштита на јавното здравје претставува опасна замена на тези. Квалитетот на водата за пиење не е истражна тајна. Тоа е јавно-здравствен факт кој во секој момент мора да биде познат на граѓаните. Објавувањето на забрана за пиење на водата поради микробиолошки отстапувања апсолутно немаше никако да ја компромитира истрагата. Наместо тоа, ОЈО тактизирало, а здравствените власти молчеле, дозволувајќи епидемијата да се прошири. Резултатот е масовно труење со над 3.100 регистрирани пациенти. Сите кои учествувале во прикривање на информациите за квалитетот на водата, а потоа и во прикривање на доказите, како и оние кој имале индиции за загаденоста на водата а не презеле ништо за превенција и заштита на здравјето на гостиварчани, мора да сносат не само морална, туку и кривична одговорност“ велат од СДСМ.
Од опозициската партија велат „Наместо да се кријат зад „тајност на истрагата“, овие институции и нивните раководители треба веднаш да понесат одговорност. Повикуваме на итни оставки од Министерот за здравство, директорот на Институтот за јавно здравје, како и од сите одговорни лица во синџирот кои со своето непостапување и прикривање директно придонесоа за масовното труење на граѓаните на Гостивар. Ставањето на формална процедура над човечкото здравје и живот е и правно и етички неприфатливо“.






