ВМРО-ДПМНЕ: Валбон Лимани бега од одговорност за скандалот со водата
„Валбон Лимани, кандидатот на Филипче, Ахмети и Таравари, покажа дека за него најважно е да ја зачува функцијата, а не довербата на граѓаните. Наместо да излезе пред јавноста со чувство на одговорност и да признае дека како градоначалник ја носи најголемата одговорност за случувањата во Општина Гостивар, тој избра да се огради од скандалот со водата и да порача дека не чувствува никаква морална одговорност. Токму тоа е суштинската разлика меѓу политичарите кои преземаат одговорност и оние кои секогаш бараат изговори“ соопштија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија прашуваат „Кога целиот град е погоден од ваков сериозен проблем, граѓаните не очекуваат оправдувања, туку отчетност. Ако градоначалникот не е одговорен за работата на луѓето што самиот ги поставил да раководат со јавните претпријатија, тогаш кој е?“.
„Дополнително загрижува молкот на СДС, ДУИ и Таравари. Наместо да побараат одговорност од својот кандидат, тие избраа да молчат. Очигледно, кога станува збор за нивни функционер, стандардите се менуваат, а принципите исчезнуваат. Никој не смее да биде заштитен од политичка или институционална одговорност. Ги повикуваме надлежните институции целосно да го расчистат случајот, без селективност и без политички калкулации. Граѓаните на Гостивар заслужуваат одговорност, а не ароганција, заслужуваат градоначалник кој ќе стои зад своите одлуки“ е ставот на ВМРО-ДПМНЕ.






