Уапсен е македонски државјанин во Србија кој вчера со камион удри возач на брза помош
Возачот на брзата помош (роден 1985 година), кој вчера беше повреден додека превезуваше дете, е приклучен на апарати за вештачко дишење и е во стабилна состојба, но животот сè уште му е во опасност. Денеска е уапсен државјанин на Македонија кој со камион удрил во возачот на брза помош од Врање.

Тој е хоспитализиран на Клиниката за анестезија при Универзитетскиот клинички центар во Ниш, каде што вчера беше префрлен од Општата болница во Лесковац.
Македонецот денеска е уапсен и му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа, потврдија од Полициската управа во Лесковац за порталот „juGmedia“.
Во врска со сообраќајната несреќа што се случила за време на транспорт на пациент, Здравствениот дом во Врање ја известува јавноста дека возилото на Итната медицинска помош превезувало дете од Здравствениот дом во Врање до Универзитетскиот клинички центар во Ниш.
За време на возењето дошло до дефект на електричната инсталација на возилото, поради што возачот, постапувајќи согласно правилата на струката и водејќи сметка за безбедноста на пациентот и на медицинскиот тим, го запрел возилото на брзата помош. Кога излегол од возилото, бил удрен од товарен камион, при што се здобил со тешки повреди.
На местото на настанот се затекнал лекар кој, по итниот случај, безбедно го презел детето и го превезол до Универзитетскиот клинички центар во Ниш, каде што пациентот бил успешно згрижен.
Повредениот возач, откако му била укажана итна медицинска помош, бил префрлен во Општата болница во Лесковац, од каде што, по дијагностиката и стабилизацијата, бил транспортиран во Универзитетскиот клинички центар во Ниш за понатамошно лекување






