Истрагата да ги опфати и оние кои го контролираат квалитетот на водата во Гостивар, бара Блупринт групата

Истрагата за водата во Гостивар за којашто беше утврдено дека има фекалии, не смее да се ограничи на утврдување кој ја поставил незаконски инсталацијата, туку мора да ги опфати и сите околности поврзани со функционирањето на системот за мониторинг, инспекцискиот надзор, лабораториските анализи, начинот на земање примероци и евентуалната одговорност на службените лица кои биле задолжени за контрола на квалитетот на водата, реагира „Блупринт групата за реформи во правосудството“.

Истрагата да ги опфати и оние кои го контролираат квалитетот на водата во Гостивар, бара Блупринт групата

Граѓанските организации кои се дел од оваа група остро реагираат за случувањата околу загадувањето на водата за пиење во Гостивар, која резултираше со забрана за користење на водата од градскиот водовод, прогласување на епидемија, а на 21-ви јули Владата прогласи кризна состојба. Според нив, овој случај не претставува само изолиран инцидент, туку сериозен индикатор за можни системски слабости и детектираат прекршување на основното човеково право на безбедна вода.

– Неопходно е Основното јавно обвинителство да спроведе брза, темелна и ефикасна истрага, со целосно утврдување на кривичната и евентуалната институционална одговорност на сите лица кои придонеле за загрозување на здравјето на граѓаните. Особено сериозни прашања се отвораат и во однос на функционирањето на системот за контрола на квалитетот на водата за пиење. Според достапните информации во медиумите, се добива впечаток дека надлежните институции затаиле во исполнувањето на законските обврски и со тоа дозволиле епидемијата и понатаму да се шири без да водат сметка за последиците кои можат да произлезат по здравјето на граѓаните на Гостивар. Ниту Владата ниту надлежните здравствени институции досега не обезбедија јасни и целосни информации за времетраењето на ограничувањата за користење на водата, критериумите за нивно укинување и временската рамка за нормализирање на состојбата. Во услови на директен ризик по јавното здравје, граѓаните имаат право навремено да знаат не само што се случило, туку и кои мерки се преземаат, кои ризици постојат и што можат да очекуваат во наредниот период. Очекуваме надлежните институции навремено и целосно да ја информираат јавноста за сите релевантни факти како и надлежните здравствени институции да излезат со јасни препораки и насоки како граѓаните да постапуваат во услови на прогласена епидемија и кризна состојба – се вели во соопштението.

Директорката Асани, осомничена дека ја загадила водата во Гостивар, се појави во судот со шише чиста вода во рацете

На крај во соопштението, бараат јасно утврдена одговорност и конкретни системски мерки за спречување на вакви ситуации во иднина.

-Во спротивно ова ќе претставува уште еден пример за ненавремено преземање на дејствија од страна на институциите на штета на јавното здравје и довербата во владеењето на правото – порачуваат групата здруженија

Back to top button
Close