ЕВН: Невремето остави без напон над 2 000 трафостаници, повеќето од дефектите се санирани


Повеќе од 2.000 трафостаници на Електродистрибуција останаа без напон по силното невреме што вчера со обилни дождови и силен ветер зафати голем дел од државата.

Од „ЕВН Македонија“ информираат дека невремето предизвикало сериозни оштетувања на електродистрибутивната мрежа, при што биле оштетени неколку стотици електрични столбови, а без електрична енергија останале 2.308 трафостаници.

Како што соопштуваат од компанијата, екипите работеле непрекинато и досега успеале да отстранат околу 90 отсто од дефектите. Сепак, околу 300 трафостаници и натаму се без напојување.

„Во моментов без напојување сè уште се 300 трафостаници, бидејќи паднатата вегетација на многу места целосно го блокира пристапот и дополнително ја отежнува работата. Сепак, на терен интензивно се интервенира и нема да се запре сè до целосно нормализирање на состојбата. Најпогодени беа делови од Скопје, Куманово, Кочани и други населени места низ Македонија“, соопштија од ЕВН.

Од компанијата додаваат дека на терен се ангажирани сите расположливи екипи и ресурси, кои ќе останат мобилизирани сè додека целосно не се нормализира снабдувањето со електрична енергија.

Back to top button
Close