На плажите во Охрид е „дива лига“ и не се почитуваат препораките на УНЕСКО, реагира „О2 Иницијатива

Организацијата „О2 Иницијатива“ вели дека на плажите на Охридското Езеро под концесија не се почитуваат ниту препораките на УНЕСКО, ниту договорите за закуп, па воедно прашуваат дали има некој од надлежните што ќе постапи по ваквите случаи.

„Педесет отсто од просторот треба да е оставен слободен, без лежалки и друга опрема. Канео и Потпеш се лежалка до лежалка, со бетонирани ѕитчиња и слично. Ни инспекција постапува, ни градоначалникот Пецаков се потресува. Сите глумат лудило“, реагира „О2 Иницијатива“.

Оттаму велат дека во европските земји стриктно се спроведува законот, како на пример во Португалија каде што 70 отсто од плажата мора да е оставена слободна, а исто така и 50 проценти од нејзината должина.

„Во Грција 50 и 70 отсто во Натура подрачјата од плажата треба да се слободни и 4 метри од брегот мора да е слободен без лежалки, плажи потесни од 4 метри и помали од 150 метри квадратни не може да се изнајмуваат. Кај нас во единственото УНЕСКО заштитено светско наследство, едно од само 38 во светот, се тера дива лига, без правила и осет за заштита на природното и културно наследство“, посочуваат од „О2 Иницијатива“.

Активистите јавно го повикуваат градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и општинската инспекција да постапи.

„Кај овие плажи нема толкување што се смета за простор под концесија, многу е јасно“, посочија тие, прашувајќи зошто се оставаат концесионерите да го гледаат само својот профит, без да се санкционираат за непочитување на договорите.

Back to top button
Close