Мицкоски: Очекувам до крајот на неделава водата во Гостивар да биде исправна за техничка употреба, а идната и за пиење

Премиерот вели дека летаргијата што ја зафати општината по случајот со водата претставува предизвик за сите, но дека Владата ќе направи сè што е во нејзина можност системот што поскоро да профункционира и да се стави во употреба, иако тоа не е во нејзина надлежност

 

Според вчерашните резултати од анализите на мострите што ги направи Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), водата од водоводната мрежа во Гостивар сè уште е неисправна за пиење и за техничка употреба. Се апелира до граѓаните строго да ги почитуваат препораките на надлежните институции и до понатамошно известување да не ја користат водата од водоводната мрежа

Очекувам до крајот на неделава да има технички исправна вода во Гостивар, а кон крајот на идната недела таа да биде и безбедна и за пиење, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реконструираниот градски базен во Кавадарци.

Посочи дека во решавање на проблемот се вклучени и екипи од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од Скопје, но и експерти.

„Ако биде сè како што треба, бидејќи се вклучија екипи од скопски ‘Водовод‘ и експерти, очекувам до крајот на оваа недела да имаме технички исправна вода во Гостивар. Сега треба да се пристапи кон целосно перење на системот за да може да добиеме вода што ќе има нормални граници на хлор и што ќе биде добра за техничка употреба. Планот е кон крајот на идната недела таа вода да биде добра и за пиење“,вели тој.

Според него, активностите на терен продолжуваат и посочи дека проблемот со водата во Гостивар претставува дополнителен предизвик за сите.

„Работиме и таму. За жал, таа летаргија што ја зафати општината после овој случај претставува предизвик за сите нас. Но, тоа е што е. Иако тоа не се ингеренции на Владата, ќе сториме сè што е во наша можност, час поскоро да профункционира системот и да се стави во употреба“,рече премиерот.

Според вчерашните резултати од анализите на мострите што ги направи Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), водата од водоводната мрежа во Гостивар сè уште е неисправна за пиење и за техничка употреба.

Се апелира до граѓаните строго да ги почитуваат препораките на надлежните институции и до понатамошно известување да не ја користат водата од водоводната мрежа.

Back to top button
Close