По епидемијата во Гостивар: АХВ затвори 12 објекти и изрече казни од 7.750 евра

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведоа 70 вонредни инспекциски надзори во Гостиварско, при што биле контролирани кафе-барови, пицерии, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници, производители и пакувачи на овошје и зеленчук, како и други оператори со храна.

Фокусот на контролите бил ставен на почитувањето на забраната за користење вода од гостиварскиот водоснабдителен систем. Од АХВ информираат дека кај контролираните оператори не биле утврдени прекршувања во овој дел. За подготовка на храна, миење на садови, опрема и работни површини се користела пакувана или друга безбедна вода, а во угостителските објекти гостите биле послужувани со пластични и хартиени чаши и прибор.

Сепак, инспекторите констатирале повеќе други неправилности. Кај пет оператори не биле спроведени задолжителните мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, додека кај 18 оператори вработените немале извршени задолжителни здравствени прегледи.

Дополнително, откриени се 11 правни лица кои работеле без да бидат регистрирани како оператори со храна во АХВ. Покрај парични казни, ним им е изречена и привремена забрана за вршење дејност сè до нивна регистрација.

Кај двајца оператори е утврдено пуштање во промет на небезбедна храна. Запленети и нештетно уништени се вкупно 18 килограми производи, меѓу кои виршли, кисело млеко, јогурт, слајс-салами и путер.

За утврдените прекршувања, АХВ изрече 30 парични казни во вкупен износ од 7.750 евра во денарска противвредност, како и 12 забрани за вршење дејност, опомени и наредби за отстранување на неправилностите.

Од Агенцијата повторно апелираат операторите и граѓаните строго да ја почитуваат забраната за користење вода од градскиот водовод во Гостивар, со цел што побрзо надминување на состојбата и намалување на бројот на заболени лица. Непочитувањето на мерките може да се пријави во АХВ, во подрачните единици, по електронска пошта или преку бесплатната телефонска линија за потрошувачи

Back to top button
Close