18 години затвор за Дојранецот кој до смрт го претепа својот пријател
Основниот суд во Гевгелија му изрече казна затвор од 18 години на 56-годишниот Васил Режак од дојранското село Сретеново, кој беше прогласен за виновен за кривичното дело „убиство на свиреп начин“. Станува збор за првостепена пресуда, а обвинетиот ќе остане во притвор до нејзината правосилност.

Според судските наоди, трагичниот настан се случил попладнето на 1 ноември 2025 година во близина на угостителски објект во Сретеново. Режак и Никола Тимев, кои претходно биле пријатели, заедно консумирале алкохол, по што меѓу нив избувнала расправија што прераснала во физички напад.
Обвинителството утврди дека Режак најнапред го удирал Тимев со тупаници и клоци, а потоа продолжил да го удира со метална шипка. Во нападот, кој траел речиси половина час, на жртвата ѝ биле нанесени бројни скршеници на екстремитетите и черепот, како и тешки телесни повреди проследени со обилно крварење. По нападот, обвинетиот го напуштил местото и го оставил повредениот без помош.
Тешко повредениот Тимев бил забележан од случајни минувачи, кои веднаш повикале Итна медицинска помош. Тој бил пренесен во Медицинскиот центар во Гевгелија, каде подоцна им подлегнал на здобиените повреди објави Скопје1.мк






