Македонија и Косово градат силно партнерство на европскиот пат“, вели Шасавари

Министерот за правда Јетон Шасивари денеска се сретна со амбасадорот на Косово во Македонија, Флоријан Ќехаја, при што разговараа за унапредување на билатералната соработка, реформите во правосудството и процесот на евроинтеграција.

Како што соопшти Министерството за правда, на средбата била потврдена заедничката определба за продлабочување на партнерството меѓу двете земји, особено во областа на правдата и размената на искуства поврзани со европските реформи.

Соговорниците оцениле дека Македонија и Косово имаат заедничка визија за стабилен регион заснован на владеење на правото, демократски вредности и европска перспектива, при што ја нагласиле важноста од соработка и размена на добри практики за поефикасно спроведување на реформските процеси.

Посебен акцент на средбата бил ставен на реформите во правосудниот систем, зајакнувањето на независноста на судството и дигитализацијата. Министерот Шасивари истакнал дека независно, функционално и ефикасно правосудство е клучен предуслов за враќање на довербата на граѓаните и за напредокот на земјата во процесот на европска интеграција.

Од Министерството наведуваат дека заедничката заложба за владеење на правото, реформи и европска интеграција претставува цврста основа за натамошно продлабочување на соработката меѓу Македонија и Косово.

Back to top button
Close