Захарова: Трамп повеќе од 80 пати вети дека ќе ја заврши војната во Украина за 24 часа
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп повеќе од 80 пати ветил дека ќе го заврши конфликтот во Украина во рок од 24 часа.

Таа реагираше на изјавата на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека војната не може да се реши за 30 минути.
„Никој не мисли така. Но, сите се сеќаваат дека Доналд Трамп повеќе од 80 пати вети дека ќе го заврши конфликтот во Украина за 24 часа, а потоа го пофали самитот во Анкориџ“, напиша Захарова на Телеграм.
Лавров и Рубио одржаа средба во Манила, која траеше нешто повеќе од половина час, а главна тема беше војната во Украина. Според дипломатски извор, иницијативата за состанокот дошла од американската страна.
Рускиот министер го информирал Рубио за, како што наведе Москва, „реалната состојба на линијата на фронтот“, притоа повторувајќи дека Русија се спротивставува на понатамошното вооружување на Украина и ја критикува политиката на европските земји.
По средбата, Рубио оцени дека разговорот бил „добар и отворен“, но не откри конкретни детали. Тој порача дека САД остануваат подготвени да одиграат конструктивна улога во завршувањето на војната доколку се појави можност и дека таа порака била пренесена до руската страна






