Владата позајмува 7.000.000 евра од Македонска навигација

Управниот одбор на Македонска навигација, во својство на раководно лице, на седница одржана на ден 17.07.2026 година, донеле Oдлука за одобрување на краткорочна позајмица од 7.000.000.00 евра во денарска противвредност, на Јавното претпријатие за државни патишта, неофицијално дознава Фокус.
Според документите со кои располагаме, одлуката е донесена врз основа на задолжување од Владата, која е единствен акционер, видливо од Извадокот од Нацрт-записникот од седницата на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 14 јули 2026 година.
Иако се повикуваaт на Владата, според документите од дел од вработените, членовите на УО на М-НАВ прават злоупотреба на службена положба за што е поднесена и кривична пријава до Јавно Обвинителство на 15 јули, 2026 година.
Согласно принципите на Еуроконтрол, провајдер на навигациски услуги не смее да позајмува средствата собрани преку unit rate, nа јавни претпријатија или да ги троши за други цели кои не спаѓаат во прифатливи трошоци.
Под прифатливи трошоци се опфатени: 1. Оперативни трошоци (Плати и бенефиции за персоналот кој обезбедува услуги за воздушна навигација (контролори на летање, технички персонал). 2. Инфраструктура и опрема Инвестиции и одржување на системи за комуникација, навигација и надзор (радари, системи за управување со летови). 3. Административни трошоци Трошоци за управување, планирање и финансиска администрација на системот. 4. Амортизација и капитални инвестиции. 5. Финансиски трошоци Камати и други финансиски обврски поврзани со кредити за инфраструктура.
Согласно принципите на Еуроконтрол, прифатливи трошоци се оние кои се директно поврзани со обезбедување на услуги за воздушна навигација.
Средствата кои ги добива М-НАВ се собираат од авиокомпаниите и мора да се користат само за тие намени. Позајмување на јавни претпријатија би значело дека парите на корисниците на воздушниот простор се користат за нешто што не е поврзано со нивната услуга, што е спротивно на правилата.
Фокус се потруди да стапи во контакт со директорот Владимир Ристески, но тој не одговори на нашите телефонски повици.






