Петрушевски: СДСМ и Филипче шират лаги за да го заштитат својот градоначалник во Гостивар

Скандалот со водата во Гостивар е само изговор за Венко Филипче и актуелното раководство на СДСМ да се појавуваат во јавноста и да шират лаги со цел собирање евтини политички поени рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски на денешната прес-конференција во партиското седиште од каде упати остри критики до опозициската партија поради манипулација со информации и обид за предизвикување паника меѓу граѓаните.
Како очигледен пример за ваквото однесување, Петрушевски го посочи последното тврдење на СДСМ дека водата во велешкото село Сливник е неисправна, нагласувајќи дека за тоа бил презентиран стар и нерелевантен извештај.
„Добронамерно ги советуваме, да се освестат и да прекинат да шират лаги и паника и да се погледнат себе си. Зошто? Затоа што тие се локална власт во Гостивар. Власт се СДС, ДУИ и Арбен Таравари во Гостивар. Ако им се важни граѓаните, како што знаат да повторуваат секојдевно нека го повикаат градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани кој е нивни кадар, да одговара, да поднесе оставка и слично“, рече тој.
Наместо тоа, според Петрушевски, опозицијата молчи и го штити својот партиски соработник одговорeн за труењето на населението, докажувајќи дека партиските интереси им се поважни од здравјето на луѓето. Дополнително, тој рече дека за разлика од локалната неодговорност, на централно ниво постои одговорна власт која реагира навремено и соодветно за целосно да ги заштити граѓаните.






