Ќерката на Сашка Стојановска откри што точно се случувало вчера во Улцињ

46 годишната македонска државјанка Сашка Стојановска е задржана во полициската станица во Улцињ откако вчера попладне беше приведена заради прегазување на куче. Видео од настанот беше споделено на социјалните мрежи, а по кратко време, црногорската полиција објави дека жената е приведена при обид да ја напушти државата.
„Полициските службеници веднаш излегле на местото на настанот. Со преземање оперативни мерки и дејствија, го идентификувале лицето кое го управувало возилото. Веднаш била започната потрага, а околу 16:40 часот таа била пронајдена и запрена на Заедничкиот граничен премин „Сукобин – Муриќани“, во обид да ја напушти земјата. С.С. била донесена во полициските простории, каде што била спроведена кривична истрага. Бил известен државниот обвинител при Основното државно обвинителство во Улцињ, кој изјавил дека инцидентот содржи суштински елементи на кривично дело, убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште и наредил С.С. да биде лишена од слобода“, се вели во известувањето од полицијата на Црна Гора.
Случајот го пријавил сопственикот на прегазеното куче според кого околу 15 часот непознато лице управувајќи автомобил со скопски регистрации, ненамерно го прегазил и убил кучето на улицата.
Во разговор за Сител, ќерката на уапсената жена пак тврди дека кучето претходно го усмртило нивното куче, а потоа и нив ги нападнало.
„На видеотo се гледа и нашето мало куче Shih Tzu кое е усмртено од шарпланинец преку 50 килограми тежок кој влезе во нашиот апартман, го распарчи нашето куче пред наши очи додека не постоеше начин да го одбраниме и да му помогнеме бидејќи станува збор за крволочно куче кое подоцна не напдна и нас и мојот малолетен брат. Шарпланинецот е удрен за да го оттргне од мене и од моето куче кое почина“, кажа во разговор за Сител, Дора Стојановска.
Таа додава дека шарпалнинецот имал сопственик, кој по настанот со толпа негови пријатели им се заканувал пред апартманот. Тврди дека прегазувањето било обид жената да ги одбрани децата и своето милениче.
Моментално, Стојановска е се уште во полициска станица, а како што вели нејзината ќерка, постои опасност да и биде одреден притвор.






