Британска вечер на „Охридско лето“ со пијанистката Исата Кане-Мејсон

Вечерашната фестивалска програма на „Охридско лето“ е посветена на британската музика, а пред охридската публика ќе настапи пијанистката Исата Кане-Мејсон, една од најуспешните млади пијанистки на денешницата.
Препознатлива по своите еклектични и инспиративни рецитални програми, Исата Кане-Мејсон создава интересни музички споеви, поврзувајќи ги делата на композиторите од различни епохи – од Хајдн и Моцарт, преку Фани Менделсон и Клара Шуман, Шопен и Брамс, до Гершвин и современите автори.
Во нејзиниот оркестарски репертоар се застапени дела од класичниот период, меѓу кои концертите на Феликс Менделсон и Бетовен, но и композиции од романтизмот и 20 век, како оние на Прокофјев и Рахмањинов.
Исата Кане-Мејсон е пијанистка во подем, која веќе е барана од најзначајните концертни промотори и оркестри ширум светот. Во јули 2024 година ја отвори престижната манифестација „Би-би-си промс“ во лондонската Ројал Алберт Хол, настапувајќи со Симфонискиот оркестар на Би-би-си под диригентската палка на Елим Чан. Истата година настапи како солистка со Младинскиот оркестар на Европската Унија, под водство на диригентот Иван Фишер, во њујоршката сала „Карнеги Хол“.
Во актуелната сезона нејзините ангажмани го вклучуваат Третиот концерт за пијано и оркестар од Сергеј Рахмањинов, кој ќе го изведе со Оркестарот на Холандското радио во амстердамскиот „Концертгебау“, под диригентската палка на Бар Авни. Таа ќе настапи и со Прашкиот радиосимфониски оркестар и диригентот Петар Попелка во салата „Рудолфинум“, а ќе дебитира и со Симфонискиот оркестар на Сиетл.
Кане-Мејсон продолжува да соработува и со својот брат, познатиот виолончелист Шеку Кане-Мејсон, со кого реализира дуо-рецитални турнеи низ Европа, Јужна Америка и САД. Нејзини солистички настапи се најавени во престижни концертни сали, меѓу кои „Вигмор Хол“ во Лондон, „Брукнерхаус“ во Линц и Оперската куќа во Осло.
Во сезоната 2024/2025 таа соработуваше и со бас-баритонот Џералд Финли, настапуваше на фестивалот во Луцерн, како и со повеќе реномирани филхармониски и симфониски оркестри во Европа и САД.
Исата Кане-Мејсон е ексклузивна уметница на престижната издавачка куќа „ДЕКА“, за која има реализирано четири албуми. Нејзиното последно издание е посветено на музиката на Феликс Менделсон и неговата сестра Фани Менделсон.
Со својот настап на „Охридско лето“, младата британска пијанистка продолжува да ја збогатува фестивалската сцена со врвна интерпретација и со музички приказни што ги поврзуваат минатото и современоста.
Концертот ќе се одржи во прекрасната акустика на катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот.
На прорамата се дела на Бетовен, Равел, Табакова.






