Лира Грабул, сопственичката на авторските права на Македониум за „Рацин“: Запрепастена сум, прават кокошарник од споменик од прва категорија

Лира Грабул, ќерка на Јордан и Искра Грабул, автори на споменикот Македониум во Крушево, во чија сопственост се авторските права на ова уметничко дело, во изјава за Рацин.мк вели:
„Запрепастена сум од кокошарников на галериите… многу креативно! Среќа што авторите не се со нас. Не сум за ништо известена, запрепастена сум“, вели револтирано Лира Грабул, наша врвна уметница и професорка по уметност.
Таа вели дека авторските права се на семејството Грабул.
Автентичноста на фотографијата што ја објавуваме ја потврди и поранешниот градоначалник на Крушево Томе Христоски.
Во разговорот со него вели „Вистина е, за жал, во живо изгледа уште полошо.
Тој додава дека за прв пред платото на Гумење е поставенм синџир и се наплаќа влезница.
За работите на Македониумот извести МИА на 21 јули во текст во кој посочува дека „со метална конструкција на галериите со витражи и стакла почна превентивно да се заштитува Македониумот во Крушево во кој со години протекува. Работите се изведуваат под стручен надзор на прилепскиот Завод и музеј и треба да завршат до крајот на месецов.
Оваа мерка е поради протекување во Споменикот од прва категорија кој во ноември 2025 година е прогласен за културно добро во опасност.
– Со цел да се заштитат галериите со витражи кои имаат големи оштетувања, како и стаклените галерии, на лице место се монтира челичната конструкција која веќе е изработена. А е изработена од кутиести профили со различни димензии. Ќе биде поиставена на вкупно 8-те галерии со стакло и на галериите со витраж од надворешната страна на првото и на второто ниво од Споменикот. Над конструкцијата се поставува лексан со дебелина од 16 милиметри. Со ова ќе постигнеме да не протекува повеќе вода во споменикот – изјави Сузана Грибовска, советник конзерватор, архитект во Заводот и музеј -Прилеп.
Инвестицијата која треба да заврши пред 2 Август, чини 5,5, милиона денари. Годинава ќе почнат истражувањата и се изготвува основен проект за целосна конзервација на Македониумот изграден 1974 година, пишува во текстот на МИА.
Македониумот е дел од споменичниот комплекс Илинден, дело на архитектите Искра и Јордан Грабул.






