Кој е првиот човек на„Икарус“, фирма која ќе ги прави електричните автобуси: Габор Селеш со години јавно го поддржувал Орбан

Унгарската компанија за производство на автобуси, „Икарус“ по вторпат победи на тендерот за набавка на 150 електрични автобуси и доколку во следните десетина дена нема жалби до Комисијата во Бирото за јавни набавки, таа ќе почне да работи на производство и испорака на првите возила во следните шест месеци.

Икарус е легендарен унгарски производител на автобуси и еден од најпознатите индустриски брендови во Источна Европа, пренесе Фокус.

Компанијата е основана во 1895 година, а по Втората светска војна станува најголемиот производител на автобуси во земјите од тогашниот Источен блок. Нејзините автобуси се извезувале во повеќе од 80 држави низ светот.

Но, во последните 30 години нејзин претседател е Габор Селеш кој е една од најпознатите личности која отворено даваше поддршка на бившиот премиер на Унгарија, Виктор Орбан кој има силни политички врски и со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Селеш е електроинженер по професија и основач на индустриската група „Műszertechnika“, а во 1991 година ја предводел приватизацијата на „Videoton“, најголемата унгарска електронска компанија, која ја реструктурирал и повторно ја направил успешна.

Беше сопственик на конзервативната телевизија „Echo TV“ и на весникот „Magyar Hírlap“, со што стекна значително влијание и во медиумскиот сектор.

Познат е како близок до унгарската десница и со години јавно го поддржуваше премиерот Виктор Орбан и партијата Фидес. Беше еден од организаторите на провладините „Маршеви на мирот“ во Будимпешта.

Габор Селеш редовно се наоѓа меѓу најбогатите луѓе во Унгарија, а неговото богатство е изградено првенствено преку индустријата, производството, недвижностите и медиумите.

Селеш е еден од најистакнатите бизнисмени кои отворено ја поддржуваа партијата Фидес и политиките на Виктор Орбан.

Во 2016 година Селеш ја продаде „Echo TV“ на компанија поврзана со Лоринц Месарош, долгогодишен близок соработник и сојузник на Орбан. Тоа беше дел од процесот во кој голем дел од провладините медиуми се концентрираа околу кругот близок до Фидес

Back to top button
Close