САД: Комисија за нуклеарна регулатива сака да го ублажи прописот за безбедност од зрачење

Американската Комисија за нуклеарна регулатива (НРЦ) предлага укинување на основниот безбедносен принцип кој 50 години го регулираше зрачењето на кое се изложени луѓето во Соединетите Држави, а кој беше усвоен и ширум светот.
Објектите како нуклеарни централи, болници или академски институции кои користат радиоактивни материјали мораат да обезбедат изложеноста на зрачење да се одржува „што е можно помала колку што е разумно“ – принцип познат како ALARA (As Low As Reasonably Achievable). Предлогот на НРЦ е да се напушти овој принцип, а да се задржи посебниот стандард за максимално дозволена изложеност на зрачење.
Тие два стандарди досега функционираа заедно во областа на заштитата од зрачење. Ограничувањата на дозите ја одредуваат максималната количина зрачење на која јавноста и работниците можат да бидат изложени, додека ALARA ја одржуваше изложеноста на што е можно пониско ниво во рамките на тие граници. Истражувањата покажуваат дека изложеноста на зрачење ги зголемува шансите за добивање рак, а тој ризик расте со зголемувањето на дозата.
Ограничувањата на дозите не се менуваат. Но, НРЦ, кој ги регулира цивилните нуклеарни енергетски технологии и радиоактивни материјали, сега сака да го замени ALARA со „степенаст пристап“ кој вклучува неколку мерки што објектите мора да ги преземат во зависност од потенцијалната доза на зрачење за работниците. Поригорозни мерки за заштита би биле потребни кога ќе се приближат до границите на дозите за да се осигура дека тие нема да се пречекорат.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се обидува за четири пати да го зголеми домашното производство на струја во нуклеарните централи поради растечката побарувачка за електрична енергија во услови на брз развој на центрите за обработка на податоци и вештачката интелигенција. Реформата на Комисијата за нуклеарна енергија (НРЦ) е еден од начините на кои Трамп се обидува да го забрза развојот на нуклеарните реактори. Минатата година, тој со извршна наредба ѝ наложи на таа сојузна агенција да „прифати ограничувања на зрачењето засновани врз науката“.
Министерството за енергетика, кое ги надгледува националните енергетски политики, веќе престана да го користи ALARA. НРЦ очекува да ги финализира своите прописи за заштита од зрачење во наредните месеци.
Претседателот на НРЦ, Хо Ние, изјави дека комисијата не ја намалува безбедносната граница.
– Само ја отстрануваме двосмисленоста – изјави тој. „Но, стандардот за изложеност на работниците и јавноста – тоа не се менува. Само внесуваме поголема јасност“.
Ние не очекува големи промени кај постојните големи, традиционални нуклеарни реактори. Но, компаниите кои проектираат и градат нови, помали реактори би можеле да се движат побрзо со појасна слика за барањата за заштита од зрачење, рече тој.
НРЦ соопшти дека границите за изложеност на зрачење се поставени значително под нивоата поврзани со последици по здравјето и очекуваат дека преостанатите стандарди и индустриски практики ќе ги задржат дозите на зрачење далеку под опасните граници. За тоа постои и финансиски поттик – поскапо е и одзема повеќе време да се работи во области со поголемо зрачење бидејќи пристапот мора да биде ограничен и се потребни дополнителни истражувања.
Трговската асоцијација на нуклеарната индустрија се согласува со НРЦ.
– Секогаш ќе разгледуваме што можеме да направиме за да ја намалиме дозата за работниците и да ги одржиме нашите дози за јавноста надвор од локацијата што е можно пониски – рече Даг Тру, главен нуклеарен службеник во Институтот за нуклеарна енергија. „Не е дека едноставно ќе ја отвориме вратата и ќе дозволиме сè да оди до границите“, рече тој.
ALARA стана „подвижна мета“ за регулација, изјави Џастин Фридман, консултант за нуклеарна енергија кој претходно беше три децении во Стејт департментот на САД. Укинувањето на правилото би им овозможило на научниците од НРЦ да донесуваат порационални одлуки за соодветните нивоа на управлив ризик, додаде тој.
Едвин Лајман, директор за безбедност на нуклеарната енергија во „Унијата на загрижени научници“, предупредува дека одделни делови од предлогот на НРЦ би можеле да ги зголемат дозволените дози на зрачење во одредени случаи, а сепак да останат под ограничувањата. Лајман посебно ја истакна предложената ревизија на стандардите за емисија на радионуклиди.
Изложеноста на зрачење на пошироката јавност е ограничена на 100 милиреми годишно. Типична доза на зрачење од рендгенска снимка на граден кош изнесува 10 милиреми.
НРЦ сака да ги зголеми своите стандарди за емисија на радионуклиди од конзервативната доза од 10 милиреми годишно на 25 милиреми годишно, врз основа на хипотетичка личност која живее во куќа до нуклеарна централа.
Од NRC велат дека вистинските дози за јавноста би останале далеку пониски бидејќи, во реалноста, луѓето живеат подалеку од нуклеарните локации и имаат корист од дисперзијата на зрачењето во воздухот и водата.
НРЦ би требало да го подобри, а не да го елиминира ALARA за да ги заштити јавноста и работниците, рече Лајман. ALARA стана политичка мета бидејќи некои луѓе погрешно веруваат дека изложеноста на зрачење мора да биде што е можно пониска без оглед на цената, рече Лајман, но во реалноста компромисите се можни.
Кејти Хаф, поранешна помошничка секретарка на САД за нуклеарна енергија, рече дека во некои случаи барањето може да биде тешко за регулирање. Дополнителната јасност би го подобрила регулаторното опкружување без штета по јавноста, додаде Хаф, која е професорка и шефица на катедра на Универзитетот Висконсин-Медисон.
Сепак, Хаф рече дека мисли оти НРЦ ќе појасни што разумно значи ALARA наместо да го отфрли. Таа додаде дека е отворена за уверувањето дека степенастиот пристап ќе биде исто толку ефикасен.
Националниот совет за заштита од зрачење и мерења, кој е овластен од Конгресот да дава независни научни насоки, сè уште не се изјаснил формално. Претседателката на Советот, Кетрин Хигли, рече дека ѝ се допаѓаат некои работи во документот од 180 страници, додека други ги смета за проблематични.
НРЦ би требало да ја согледа целата слика заради управување со ризикот, рече таа.
На пример, ако работник во нуклеарна централа влезе во област каде што има радиоактивни материјали во воздухот, во согласност со ALARA би морал да носи комплетна лична заштитна опрема со респиратори, рече Хигли, професорка емеритус на Државниот универзитет во Орегон. Тоа им го отежнува движењето, потенцијално изложувајќи ги на топлотен стрес кој би можел повеќе да им наштети отколку ниската доза на радиоактивност, рече таа.
Хигли рече дека загриженоста во врска со предлогот е тоа што тој ја одржува моменталната граница за професионална доза за работниците кои работат со зрачење на 5 реми, односно 5.000 милиреми годишно. Со примената на ALARA, просечната доза за работниците беше значително под тоа ограничување.
Меѓународната комисија за радиолошка заштита препорачува професионална доза од просечно 2 реми годишно. НРЦ претходно утврди дека не е оправдано да се усогласи со тоа, бидејќи работниците веќе беа изложени на помалку од тоа, а промената на прописите е скапа.
Хигли изјави дека САД можеби ќе мора да се усогласат со меѓународната заедница доколку ALARA се укине.






