Поради неуплатени 16.588 денари општина Гостивар две години чекала дозвола за водоводот
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) ги отфрли тврдењата на ЈП „Комуналец“ – Гостивар дека две години чека согласност за поставување водоводна инфраструктура, наведувајќи дека одобрението не било издадено поради неисполнување на законските процедури од страна на Општина Гостивар.
Од ЈПДП информираат дека во февруари 2024 година Општина Гостивар поднела барање за изградба на водоводна мрежа, по што во април била изготвена пресметка за уплата во износ од 16.588 денари. Според претпријатието, сумата никогаш не била уплатена, поради што постапката не можела да продолжи.
Во март 2024 година било поднесено и второ барање за поставување цевковод, но, како што наведуваат од ЈПДП, Општина Гостивар не ја доставила потребната техничка документација за добивање дозвола.
Од претпријатието додаваат дека по овие две барања не било поднесено ново, иако биле одржани повеќе состаноци меѓу двете институции. Посочуваат и дека од почетокот на 2026 година сите управни постапки се водат електронски, а во тој период не е евидентирано ново барање за водоводна инфраструктура.
Реакцијата следува откако ЈП „Комуналец“ – Гостивар соопшти дека околу 600 метри од водоводната траса не можат да бидат завршени бидејќи веќе две години чекаат согласност од ЈПДП, додека останатите 98 проценти од проектот за реконструкција на водоводната мрежа се реализирани.






