Што велат германските муслимани за нападот на ЦСД во Берлин
Терористичкиот напад што во саботата вечерта (25.07) го погоди Кристофер Стрит Деј (ЦСД) во Берлин ги засили стравовите и загриженоста од нови напади на исламисти. До неделата навечер, кога безбедносните сили го лоцираа 21-годишниот Абдул Б. и тој беше убиен, повеќето медиуми и одговорните политичари зборуваа за „осомничен сторител“ и „наводни мотиви“.

Оттогаш е јасно: повторно исламист изврши вакво злосторство – радикализиран муслиман поврзан со т.н. „Исламска држава“. Политиката и безбедносните служби дебатираат за построги закони и посилен надзор. Политички надлежен е сојузниот министер за внатрешни работи Александер Добринт.
Како реагираат муслиманите во Германија на нападот?
„Со ужас и длабока потресеност ја примивме веста за вчерашниот нечовечки напад врз ЦСД“, соопшти „Советот на берлинските имами“ околу дванаесет часа по нападот преку различни канали. Советот ја нагласува својата солидарност со жртвите, нивните семејства и блиските, и им се заблагодарува на службите за итна помош. „Овој чин, кој најостро го осудуваме, покажува до какви страшни последици водат омразата и непријателството кон луѓето. Омразата не носи ништо добро.“ Нема ниту збор за влијанијата кои го обликувале напаѓачот.
„Религиозно мотивираниот екстремизам е реална опасност“
Во исто време, многу корисници на социјалните мрежи се изразуваат многу поотворено. Атмосферата е вжештена. Два дена подоцна, кога исламистичкиот контекст е веќе потврден, Советот на имамите објавува нов, подетален текст. Терористичкиот напад уште еднаш покажува дека „религиозно мотивираниот екстремизам … претставува реална опасност за нашето општество“.
„Како имами не можеме доволно често да нагласуваме: теророт, омразата и насилството немаат никаква религиозна легитимација. Оној што ја користи исламската вера за да врши насилство врз луѓе поради нивниот идентитет, убедувања или начин на живот, па дури и да ги убива, не постапува во согласност со етичките принципи на нашата религија.“ Терминот „исламизам“ не се споменува ниту еднаш во 30-те реда.
„Некои муслимани го отфрлаат терминот ‘исламизам’ бидејќи стравуваат дека самата јазична поврзаност со зборот ‘ислам’ може да ѝ наштети на нивната религија“, изјави за ДВ социологот и педагог по религија Муханад Хоршид. Овој 54-годишник е основачки декан на Факултетот за исламска теологија при Универзитетот во Минстер. Тој смета дека таквата загриженост не е корисна: „Доколку категорично ја негираме секоја врска меѓу исламот и исламизмот, тогаш ја отежнуваме неопходната суштинска расправа.“
Конечно, вели Хоршид, исламистите се повикуваат на исламски извори. Тие тврдат дека зборуваат во име на исламот. Затоа не е доволно само да се каже дека исламистичките напаѓачи „немаат никаква врска со исламот“. Потребна е диференцирана расправа за „долгорочно да им се одземе кредибилитетот на исламистичките идеологии“.

„Петочна молитва на тема исламизам“
Дека може и поинаку покажуваат берлинските муслимани Ахмадија. Тие се строги верници муслимани од реформско движење старо повеќе од еден век, но поради своите учења многу муслимани не ги сметаат за исламски, а исламистите ги прогонуваат. Џамијата на заедницата Ахмадија во берлинската населба Шарлотенбург во наредните денови организира јавни дијалози и „отворена петочна молитва на тема исламизам“.
Ставовите на официјалните муслимански организации се чини дека се прилично оддалечени од тоа. Бурхан Кесичи, претседател на Исламскиот совет на Сојузна Република Германија, кратко го осуди нападот „најостро“ и изрази сочувство, па заклучи: „Муслиманите во Германија се за мир.“

Слична е и многу подолгата изјава на Координативниот совет на муслиманите (КРМ). Ова тело е „длабоко потресено“ од нападот. „Како муслимански верски заедници во Германија најостро ги осудуваме сите форми на насилство, екстремизам, терор и презир кон луѓето“, се наведува во соопштението. Ниту збор за исламизмот, за исламистот или за младиот муслиман како сторител.
„Советот на берлинските имами“, од кои неколку работат во берлински Нојкелн, експлицитно ја осудува „секоја форма на насилство врз квир-лица или припадници на други малцинства во нашето општество“. Вакво директно спомнување на квир-луѓето ретко се среќава кај другите организации. Советот повремено е критикуван; некои политичари од ЦДУ и повеќе експерти го обвинуваат за антиуставни ставови, додека други не се согласуваат со тие оценки.
Интернетот како џамија на младите
Актуелното соопштение на Советот покажува дека имамите се свесни за предизвиците. Тие знаат дека „радикализацијата ретко се случува одеднаш“. Најчесто станува збор за постепен процес што често се одвива на интернет и на социјалните мрежи. Потребно е до младите да се допре навреме и да им се понудат насока, чувство на припадност и перспектива. Ниту една институција не може сама да се справи со оваа задача.
Пред неколку месеци еден имам за ДВ изјави дека вистинската џамија на многу млади одамна е интернетот.
Сличен став како Советот на берлинските имами искажа и Централниот совет на муслиманите во Германија. Тој го споменува Кристофер Стрит Деј како цел на нападот, не го користи терминот „квир“, но наведува: „Никој не смее да биде цел на насилство поради својата сексуална ориентација“. За „исламистичкиот“ мотив на напаѓачот Советот зборува како за уште еден случај „во кој екстремистичка идеологија злоупотребува религиозни референци за да оправда омраза и насилство“. Не се споменува дека станува збор за екстремистичка идеологија на муслимани.
За професорот Хоршид од Минстер, многу џамиски заедници, имами и муслимански организации „сè уште се наоѓаат во апологетска позиција“. Нивната главна грижа често е „да го бранат исламот од генерализирани обвинувања и да нагласуваат дека насилството и теророт немаат врска со исламот“. Тоа е „разбирливо со оглед на широко распространетата исламофобија“, но не е доволно. „Кој сака да решава проблеми, прво мора отворено да ги именува.“
Хоршид се осврнува и на впечатливото избегнување да се споменат „ЦСД“ и квир-контекстот на ваквиот настан. Некои имами избегнуваат „јасно дистанцирање од исламизмот“ затоа што „во одредени општествено-политички прашања – на пример во односот кон сексуалната разновидност или родовите улоги – делат конзервативни основни убедувања, иако секако го отфрлаат насилството“. Токму затоа е потребна храброст за самокритичка расправа. „Веродостојниот муслимански глас не се препознава по тоа што ги релативизира проблемите“, нагласува универзитетскиот професор.

Уште подиректен е заменик-претседателот на релативно малото здружение „Алхамбра“, Ерен Гуверџин. Организацијата, основана во 2017 година, се залага за плуралистички ислам и поради својата претежно либерална ориентација е критикувана од етаблираните муслимански организации. Гуверџин зборува за „свесна одлука“ на многумина да не го именуваат „мотивот на злосторството, односно исламистичката хомофобија“, ниту „целта на нападот – квир-луѓето и ЦСД“. Бидејќи тоа би го отворило прашањето каков е нивниот сопствен религиозен став кон квир-животот, вели Гуверџин за ДВ.
Додека кај десничарските екстремистички напади постои способност јасно да се именува мотивот, кај исламистичките напади тоа целосно недостига, критикува тој. Нема сериозна и самокритична внатремуслиманска дебата за исламизмот како идеологија, ниту за хомофобијата или антисемитизмот.
Според убедувањето на Гуверџин, муслиманските организации кои не се способни да ги именуваат проблемите нема да можат да понудат ориентација. „Таа ориентација младите луѓе ја наоѓаат кај исламистичките инфлуенсери на интернет.“ (dw)








